Новиот Закон за основно образование во член 161 вели дека потврда за извршен офталмолошки преглед ќе биде земена предвид наредната учебна година, односно 2021/2022   

Уписите за прием на првачињата во новата учебна година, поради ситуацијата со коронавирусот, наместо во мај, ќе се реализираат во текот на целиот месец јуни. Основните училишта веќе ги објавија своите конкурси за уписи за 2020/21 година. Додека во некои училишта се внимава да се избегне колку што е можно да се прават метежи во училиштата и родителите да можат електронски да достават пријава за упис за своите деца, во други се бара лично да се подигнат пријави. Родителите се збунети зошто некаде се бараат и потврди за офталмолошки прегледи на децата, а некаде – не.

Потврди од очен лекар – од наредната учебна година

Новиот Закон за основно образование во член 183 вели дека потврда за извршен офталмолошки преглед ќе биде земена предвид наредната учебна година, односно 2021/2022. За да се расчисти дилемата на родителите, побаравме објаснување од Министерство за образование и наука – МОН.

– Согласно уредбата со сила на закон усвоена од Владата, уписите за првачињата во учебната 2020/2021 ќе се спроведат во јуни. По однос на потребните документи, новиот Закон за основно образование предвидува родителите да достават потврда за задолжителни примени вакцини и за извршен стоматолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа, а за детето со попреченост во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави и мислење/функционален профил од комисијата за процена на деца и младинци за дополнителна образовна, социјална и здравствена поддршка според Меѓународната класификација нa функционирање, попреченост и здравје. Потврдите за офталмолошки прегледи ќе се доставуваат при упис на првачиња во учебната 2021/2022 година – велат од МОН.

Потврда од офталмолог за да се запише прваче бараат, меѓу другите, од скопското Основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, „26 Јули“ во Шуто Оризари, „Владо Тасевски“…

-Во Законот за основно образование во член 60 став 2 стои дека е потребно да се достави потврда од офталмолог. Во преодните одредби се вели дека таа потврда ќе биде задолжителна во учебната 2020/2021 година. Не е грешка и да приложат и да не приложат овие потврди годинава, првачињата ќе бидат запишани во училиште – вели директорката на „Св. Кирил и Методиј“, Вилма Поповиќ.

Пријавување по електронски пат

Во некои училишта се обидуваат колку што повеќе можат да ги намалат метежите во училиштата. Така има училишта во кои за упис на прваче може да се аплицира електронски.

– За да се преземат соодветни мерки за заштита од коронавирусот, оваа година пријавата за упис родителите ја доставуваат онлајн, а во јуни ќе добијат точен датум и време за да дојдат со детето. Ќе ги направиме средбите со временско растојание – вели Златко Тапчановски, директор на Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Скопје.

Фото: Архива

Родители се жалат дека во некои општини училиштата уште не вовеле онлајн-пријавување на децата.

-Немаме информација како ќе се прават распоредите за носење документи и тестирањето на првачињата. Претходните години родителите добивале списоци од градинка, но годинава нема. Нема ни оставен телефонски број за да да се јавиме да прашаме, ниту најава за електронска пријава како во другите општини. Добро би било да смислат начин како да се пријавиме – вели родител чие дете треба да учи во скопската населба Ново Лисиче.

Од Општина Аеродром велат дека раководствата на основните училишта во соработка со училишните одбори, а врз основа на насоките од Државниот просветен инспекторат, одлучуваат дали уписите во прво одделение ќе се вршат преку пошта или е-адреса.

-Но, тестирањето на првачињата секако ќе се врши лично во присуство на родител – објаснуваат оттаму.



912

X