Регистриран е првиот случај на заразен со коронавирус на Клиниката за инфективни болести во Скопје, потврди министерот за здравство Венко Филипче. Пациентката е позитивна за вирусот Ковид-19.

-Нема простор за паника. Епидемиолошките анализи укажаа дека таа веќе еден месец била во Италија. Веќе две недели е болна и иницијално се третирала во Италија, но таму не била тестирана за коронавирус. Откако пристигнала во земјава директно се упатила кон Клиниката за инфективни болести во Скопје – изјави Филипче на прес-конференција во Владата додавајќи дека има веројатност да е помината инкубацијата на вирусот, со што се намалува ризикот за пренесување.

Филипче изјави дека ќе бидат тестирани сите лица кои биле во комбето со неа, со кое се транспортирале од Италија.
-Ќе стапиме во контакт со сите и лицата ќе бидат ставени во 14-дневна изолација – рече министерот Филипче.

Жената е од Скопје, и како што информираше епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, родена е во 1970 година.

Пацентката е сместена на Клиника за инфективни болести во одделот за изолација и како што објасни министерот Филипче се третира соодветно за нејзината состојба. Во Италија била на прошетка и во посета на роднини.

Тим од Институт за јавно здравје, како што изјави д-р Караџовски, во соодветна опрема прави епидемиолошка анализа.

-Преземени се сите мерки врз основа на сите протоколи, по оваа последна информација преминуваме на следната фаза за справување со една ваква состојба. Исклучиво постапуваме според сите препораки на СЗО – рече премиерот Оливер Спасовски.



912

X