Потсмевањето за вишокот килограми ќе предизвика дополнително дебелеење кај децата, открило истражување. Имено, истражувањето е објавено во магазинот „Педијатрик обесити“, а ја пронашло врската помеѓу шегите на сметка на телесната тежина и промените во индексот на телесната маса кај децата.

Научниците од Националниот институт за здравје набљудувале 110 деца и млади лица на кои им се заканувала состојба на дебелеење или биле под таков ризик. Просечната возраст на учесниците била 12 години.

Во првата фаза децата откриле колку често биле изложени на насилство или, пак, врсниците им се потсмевале поради вишокот килограми. Научниците потоа ги следеле нивните промени, во период од 8,5 до 15 години.

Во текот на годините кај децата што пријавувале потсмевање на сметка на тежината е забележано зголемување во индексот на телесна маса од 33 отсто и 91 отсто по прашањето на телесните масти во однос на нивните врсници, кои воопшто не биле изложени на потсмевање.

Научниците велат дека нивното истражување било набљудувачко, па не можат со сигурност да ги докажат причините и последиците, но заклучуваат дека потсмевањето на децата поради вишокот на килограми е поврзано со зголемување на тежината.

„Авторите на истражувањето даваат теории дека стигмата поврзана со тежината можеби предизвикала поголема веројатност за младите да се впуштат во однесување како што е прејадување и избегнување телесни вежби“, стои во заклучокот.

„Уште едно можно објаснување е дека стресот предизвикан од потсмевањето стимулира ослободување на хормонот кортизол, што може да доведе до зголемување на тежината“, сметаат научниците.



912

X