Се сеќавате еднаш кога ви кажав дека на нештата што ги сакаме и ни се драги им пишуваме песничка?
Е, освен тоа, неодамна открив дека песните може да се користат и место лекарски рецепт за лекување таму каде што е потребно.
Имено, едно момченце Артур има потреба од помош. Неговата рипка Леон е болничка, а тој е тажен и сака неговото милениче да оздрави. Не знае како. Мајка му го советува да ѝ напише песничка. Првпат слуша што е тоа и како една песничка може да помогне во случајов. Каде сè не бара и не се информира, и секаде добива различен одговор…
Лоло, пријателот од велосипедската работилница, му вели дека кога си вљубен и во устата го имаш целото небо, дека тоа е песна.
Госпоѓата Раунд од пекарницата не е баш сигурна што значи тоа, ама мисли дека е жешко како тазе леб.
Можеби стариот Махмуд го има точниот одговор? Хм… Тој вели дека песна е кога го слушаме срцебиењето на каменот.
А што ќе каже канаринецот Аристофан по ова прашање? Многу интересно размислува птицата: песна е кога зборовите се посилни од крилја…
Ете ја ѝ баба, ведра како секогаш… Според неа, песна е кога си играш со зборовите и по секоја игра (читај, песна) светот изгледа поинаку.
Ха… песна е тоа што го создаваат поетите, смета дедо, кратко и јасно.
Артур е многу збунет. Не е баш сигурен дали разбрал каква лековита моќ има песната. Дали би сакале да му помогнеме?
Имам една идеја… Ајде да напишеме песничка и да му помогнеме на ова загрижено момче.
Еве, јас ќе се обидам прва.
Тој што ќе ја напише најлековитата песна, ќе си добие книга на подарок. Песната ќе ја избереме сите заедно. Бидува?
Зборче, чкорче, брборче,
лековито недогорче,
потпали го Сонцето
отвори му го окцето
доста спие, спанчето
нека разлисти гранчето
нека распее врапчето
да замириса цветчето
да зазеленее ритчето
среќата да зацарува
здравје на рипчето
да му дарува.
П. С. Песничките пратете ми ги на оваа е-пошта: citanka@deca.mk Побрзајте, немаме многу време… Предлагам идната среда да ја имаме лековитата песничка за рипката на Артур!
912