Годишниот одмор е време за вас и вашето семејство, па така и искористете го, во интеракции со себеси, својот партнер и децата. Најдобар начин за опуштање и градење однос со децата е преку игра. Па зошто тогаш да не се заиграте? Активниот одмор е полн со спортски активности, пливање и играње со топка, па ќе ве наполни со позитивна енергија, а особено ќе ги усреќи вашите деца. Еве неколку интересни игри кои, покрај вообичаените спортски активности и капењето, можете да ги практикувате на плажа.

Пронајди го најубавиот камен

Ако на плажата има камчиња, детето нека избере неколку со мазна површина и нека ги остави кратко на сонце да се исушат. Кога ќе дојде време за помирна игра, дајте му да ги обои. И вие можете да го сторите истото бидејќи е позабавно во друштво. На крајот од денот, направете мала изложба и најубавите каменчиња понесете ги со себе како спомен од море.

Каде се скри камчето?

Оваа игра може да ја играат децата што знаат да бројат до 10. Да претпоставиме дека играат 3 лица. Секој нека земе 3 камчиња (вкупно 9). Секој играч нека се сврти и нека одбере колку каменчиња ќе стави во десната рака – сите 3, 1 или ниту едно. Потоа, секој пред себе нека ја стави затворената дланка за да не се гледа ништо во неа. По ред, еден по еден играч погодува кој е вкупниот број на камчиња во сите 3 раце, имајќи на ум дека најголем број може да биде 9, а дека можеби нема ниту еден ако секој играч одлучил да не стави ниту еден камен. Потоа, секој нека понуди свој предлог за збир, сите ги отвораат дланките и се собираат камчињата. Секој круг почнува со друг играч.

Игра во плиткото

Меѓу играчите се одбира главниот „крокодил“ кој ќе ги фаќа другите „крокодили“, така што ги користи само рацете за „одење“ во плиткото, додека нозете се на површината на водата. Следниот ловец е оној што ќе биде прв фатен.

Потрага по богатство

Доволни се 3 играчи. Еден од родителите нека игра со детето, додека другиот сам или со другото дете ќе црта мапа на скриеното богатство. Оние што го кријат богатството (некоја играчка) на плажа, обележуваат каде се наоѓа на начин кој самите ќе го смислат. На пример, точките што водат кон богатството секојпат нека означуваат различна оддалеченост (еднаш 1 чекор, потоа 2 итн.). На мапата што ја изработувате одредете пат до првата цел, на неа сокријте друга мапа со следни упатства и така барем уште еднаш. Секоја нова хартија ќе ги води трагачите до целта. На секоја од мапите нека има и упатство што да направат играчите пред да тргнат во потрага по следната мапа, на пример, да најдат 7 дрвени стапчиња, да отпливаат до целта и да се вратат и слично. Колку ќе биде покомплицирано, толку повеќе ќе им се допаѓа на децата. Потоа споредете колку време ѝ требало на секоја екипа да го пронајде богатството.

Песочно човече

Песочната плажа може да се искористи за цртање и пишување букви. Сѐ што ви треба е дрвено стапче и простор за цртање облици. Почнете со едноставни облици – малите деца може да пробаат да цртаат круг, триаголник, квадрат и слично. Покажете му на детето како со стапчето или со прст да ги повтори тие линии, а потоа додавајте нов елемент сѐ додека тоа не успее да го повтори. На кругот додајте очи, нос, уста, коса и малку по малку секој ќе има свое песочно човече. Потоа детето нека смисли како ќе се вика секое човече, а вие помогнете му да го напише неговото име. Ако децата веќе ги знаат буквите, можете да играте бесилка, само приспособете ги поимите на нивната возраст.

Автор: Луција Богданиќ

Извор



912

X