Бременоста го менува телото на безброј начини, а некои од овие промени може да бидат поизненадувачки од другите. Иако веројатно очекувате да се здебелите и да чувствувате гадење, можеби не сте подготвени за промените на мирисот на вашето тело – но, бременоста навистина може да влијае и врз тоа. Малку поинаков мирис за време на бременоста генерално не е знак дека нешто не е во ред и веројатно нема да ви наштети. Но, постојат чекори што можете да ги преземете за да го намалите мирисот доколку ви пречи. Експертите даваат одговори зошто мирисот на телото може да биде посилен во бременоста и што може да се направи за тоа.

Причини за непријатен мирис на телото во текот на бременоста

Потењето и непријатниот мирис на телото може да се појават во првото тримесечје, кога температурата на телото е највисока. Сепак, постојат неколку можни причини зошто може да мирисате малку „поинаку“ за време на бременоста.

Хормонални промени и промени во протокот на крв

Мирисот на вашето тело може да биде посилен или различен во текот на бременоста поради приспособувањата на вашите хормони.

– Жените се чувствуваат потопло во бременоста поради вишокот хормони, а тоа доведува до потење – вели гинекологот Ким Лангдон, доктор на науки. Бактериите што предизвикуваат мирис се развиваат во топла, влажна средина, поради што потењето често резултира со непријатен мирис.

Зголемениот волумен на крв, исто така, е една од причините зошто може повеќе се потите.

– Бременоста ја зголемува основната стапка на метаболизмот заедно со протокот на крв и телесната температура уште од самиот почеток, предизвикувајќи да се чувствувате потопло, што доведува до потење – објаснува медицинската сестра Кристин Кингсли.

Стрес

Ако сте под стрес повеќе од вообичаено, ова може да има улога и во мирисот на телото. Чувството на вознемиреност или преоптоварување може да го поттикне телото да реагира со потење од апокрините жлезди, од кои некои се наоѓаат во пазувите. „Овие жлезди се одговорни за лачење еден вид пот што, кога е во интеракција со бактериите на телото, произведува течност со остар мирис на амонијак, која е позабележителна од нормалната пот“, вели Кингсли.

Зголемување на телесната тежина

Вашето бебе, плодовата вода, плацентата и дополнителните маснотии што вашето тело ги складира во текот на бременоста додаваат тежина. Мора да вложите повеќе напор за да го движите вашето тело со оваа дополнителна тежина, особено затоа што таа се дистрибуира на начин на кој вашето тело можеби не е навикнато. Овој дополнителен напор може да предизвика повеќе да се потите, што доведува до непријатен мирис.

Решенија за мирисот на телото

Ако страдате од мирис на телото поврзан со бременоста, постојат неколку работи што можете да ги направите за да го намалите мирисот.

Мијте се редовно и со едноставни производи

Секојдневното туширање помага да се измијат бактериите кои предизвикуваат непријатен мирис. Најдобро е да се држите до топла вода и сапун и да избегнувате миризливи средства за миење на телото. „Бактериите на вашата кожа можат да реагираат со овие состојки, влошувајќи го мирисот на телото“, забележува д-р Лангдон. По миење и сушење на телото, нанесете дезодоранс кој е безбеден за време на бременоста.

Носете лесни ткаенини

Носењето ткаенини како памук или лен ќе го спречи прекумерното потење. Лесната облека ќе ве излади и ќе дозволи потта да испари од вашата кожа. „Со ткаенините што дишат, потта со мирис не се заглавува и нема да се размножуваат повеќе бактерии што предизвикуваат мирис“, забележува Кингсли. Задолжително менувајте ја облеката по капење или туширање бидејќи бактериите можат да се развијат во потта што материјалот ја апсорбирал.

Олеснување на стресот

Иако не мора да го отстраните секој предизвикувач на стрес од вашиот живот, можете да се обидете да се борите со чувствата на анксиозност, така што вашето тело е помалку веројатно да произведе пот. Медитација, јога, наоѓање време за разговор со добри пријатели, трчање или пишување дневник се можни начини за намалување на стресот. Ако вежбањето е вашиот префериран метод за ослободување од стрес, не заборавајте да се туширате со топла вода и сапун потоа!

Како да се справите со потењето во бременоста

Мирисот на телото генерално не е знак за ништо штетно. Меѓутоа, ако се појави ненадејно или е особено сериозно, контактирајте го вашиот гинеколог или лекар. Во некои случаи мирисот на телото може да биде симптом на друг здравствен проблем. Кога се сомневате, секогаш е добра идеја да побарате лекарски совет.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X