Воспитување

Зошто сè мора да се повтори по 100 пати?

Во секојдневието на секој родител едноставните упатства упатени кон децата (време е за бањање, ајде да јадеме, излегуваме од дома и слично) можат да се претворат во вистински ноќен кошмар. Една реченица мора да се повтори безброј пати за детето да одлучи да послуша. Ако ова редовно ви се случува и вам, треба да знаете дека тоа може да се промени.

Еве зошто децата не го прават веднаш тоа што им се кажува

Сме ги научиле да не обрнуваат внимание на нас сè додека не почнеме да се дереме или да се закануваме. Вашето дете е многу паметно. Тоа добро знае дека со игнорирањето на вашите наредби добива време. Тоа едноставно е човечка особина. Но, треба да знаете дека ако вашето 8-годишно дете и по петти пат не слуша што му зборувате, значи дека добро сте го научиле да не ве сфаќа сериозно додека не почнете да се дерете.

Решение: Не издавајте наредби од другиот агол од собата. Приближете се до детето, допрете го па потоа соопштете му го вашиот коментар. Почекајте да ве погледне в очи пред да му ја кажете наредбата. Не издавајте упатства ако неговото внимание е насочено кон друг објект. Не давајте повеќе од едно предупредување и почитувајте ја временската одредница што сте ја задале за да ве сфати сериозно.

Децата немаат исти приоритети како возрасните

Ниту едно дете нема да разбере зошто мора да се бања токму во тој момент и зошто тоа им е толку важно на родителите. Тоа има други приоритети во својата глава. Иако неговата игра вам не ви е толку важна, за него тоа е работа и учи од неа.

Решение: Треба да му се доближите и да воспоставите контакт, интересирајќи се што прави за да му дадете до знаење дека ги почитувате неговите приоритети. Откако ќе го добиете неговото внимание, договорете се за точен термин кога треба да дојде на бањање.

Детето смета дека не го слушате

Не можеме да ги натераме децата да нè послушаат, освен ако не ги повредиме физички или да ги скршиме психички. За среќа, тие имаат доверба во нас и ги следат нашите правила, сè додека се сигурни дека и ние ги слушаме нив.

Решение: Покажете му дека го слушате и го разбирате. Детето понекогаш ќе прифати компромисно решение и тоа исто така е во ред. Наместо бањање, ќе се договорите за туширање. Задолжително објаснете му го начинот на кој размислувате за да знае дека вие сте се согласиле на компромисот бидејќи тоа е добро решение, а не затоа што тоа било тврдоглаво.

Потребна му е наша помош за да премине од една активност во друга

Ставете се во негова положба, зарем не ви е тешко и вам да се одвоите од интересен напис на компјутерот за да го смирите расплаканото дете? Децата го доживуваат нашето приговарање на ист начин како што ние се обидуваме да го игнорираме нивното плачење.

Решение: Дајте едно предупредување. Кога ќе се вратите по 5 минути, повторно воспоставете контакт со детето, а потоа потсетете го дека сте се договориле што ќе правите по тој временски период.

Не се чувствуваат поврзани со нас

Децата не обрнуваат внимание на нашите барања бидејќи не се чувствуваат поврзани со нас, од разни причини: не сте биле заедно цел ден, можеби сте им викале утрото, можеби постојано го држите бебето в раце…

Решение: Покажете разбирање за неговите желби и потреби и тоа не само кога издавате наредби, туку колку што можете почесто. Разбирањето ќе ви помогне да изградите добар однос и детето ќе биде расположено за соработка.

Дигнале раце од нас

Децата во родителот гледаат водич и хранител. Ако се убедени дека сме на нивна страна, и самите ќе сакаат да ни угодат. Ако забележите дека вашето дете е сомничаво или константно сте во меѓусебна борба, тоа е предупредување дека треба да поработите на вашиот однос за да го зајакнете.

Решение: Половина час само за него, на дневна основа. Ова изгледа толку едноставно, што многу родители го потценуваат влијанието на оваа стратегија. Но, таа секогаш успева. Штом детето ќе почувствува дека имате време само за него, и тоа ќе има време за вас.

И тие се само луѓе

Примената на сила предизвикува одбојност. Секое човечко суштество одбива контрола и децата воопшто не се разликуваат во тоа. Колку повеќе ќе се чувствуваат контролирани, толку повеќе ќе се бунтуваат. На овој факт можете да гледате позитивно. Ако го научите детето да биде послушно, мора постојано да бидете во близина за да издавате наредби, а кога ќе порасне, нема да знае како да се заземе за себе. Ако го научите детето на самодисциплина, тоа ќе знае да мисли на себе и никој не ќе може да го искористи.

Решение: Одбирајте ги битките што ќе ги водите. Ставете му до знаење дека секогаш сте на негова страна и дека секогаш постои избор. Подобро е детето да го научите да знае самото да се снаоѓа и што да прави во одредени ситуации отколку да го контролирате.

Децата не ги слушаат своите родители од многу едноставна причина: навикнале да ги игнорирааат. Премногу пати родителите не го прават тоа што го кажале. Значи, децата не слушаат затоа што се разгалени или непослушни. Послушноста не треба да ни биде целта. Целта е дисциплината. Зарем не е подобро детето да сака да соработува? Соработката е целосно различна од послушноста, која инсистира детето да го направи тоа што се бара од него беспоговорно. „Моралноста значи да се прави вистинската работа без оглед што некој ви кажал. Послушноста е да се прави она што ви е кажано без оглед дали е правилно“.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top