Поштар од Лестершир, Англија, поставил прашање на „Фејсбук“ со цел корисниците да му помогнат да ја најде мајката на детето што напишало писмо адресирано до нејзиниот татко во рајот. Неговата објава привлекла внимание и набрзо тој стапил во контакт со мајката на девојчето, Сара Тали. Тали сега го има писмото, а за локалните медиуми изјавила дека ќе ги задржи и писмото и колекцијата од љубезните коментари на социјалните мрежи во кутија за спомени за нејзината ќерка Сијана.

Поштарот споделил фотографија од пликот во кој било писмото на група на „Фејсбук“. Во објавата напишал:

„Денес ја испразнував црвената поштенска кутија на улицата Бевик и во неа имаше писмо со детски ракопис адресирано до таткото во рајот, облак 9. Се обидувам да го најдам родителот на детето и би сакал да стапам во контакт за со негова дозвола да направам нешто за девојчето. И јас го загубив татко ми минатата година и иако сум возрасен, тоа за мене беше тешко искуство, па можам да замислам низ што поминува ова дете. Ве молам, ако некој има информација каде да ги најдам, многу би го ценел тоа“, стои во објавата.

Потребни биле само 15 минути за поштарот да стапи во контакт со Тали. Мајката потоа се заблагодарила за многуте коментари.

Во интервју за локален медиум, таа споделила дека таткото на Сијана починал кога таа имала само 4 месеци. Како што растела, му пишувала на татко си секој Божиќ, на секој роденден и на Денот на татковците.

„Ме растажува тоа што таа толку многу сака да има татко, но среќна сум што се чувствува подобро преку писмата“, заклучила мајката. Таа додала и дека кога ќе смета оти Сијана е подготвена, ќе ѝ ги покаже сите писма и ќе ѝ каже сè. Засега, Сијана верува дека нејзиниот татко ги добива писмата.

Автор: Сара Сантора

Извор



912

X