Помалку болки, порелаксирана мајка, помал стрес за бебето… Кои се предностите на породувањето во вода?

Породување во вода е неостварена желба на многу жени во Македонија, но не и на Далиборка Петкова од Свети Николе, која пред шест месеци во Лондон го донесе на свет своето прво дете, ќерката Јана. Помалку болки, порелаксирана мајка, помал стрес за бебето… Кои се предностите на овој начин на породување? Водејќи се од своето прво искуство, Петкова е децидна:
– Да треба да родам уште неколку деца, сите би ги родила во вода!

Јана, Никола и Далиборка

Таа со својот сопруг Никола речиси две години живее во Англија. Се породила во универзитетската болница „Џон Ретклиф“ во Оксфорд – јавна болница под националниот здравствен систем (NHS).

– Во текот на бременоста за мене се грижеше бабица (midwife), која ми ја водеше бременоста. На првиот преглед ми беше кажано дека имам можност да изберам во која болница во околината сакам да се породам, дали би сакала да се породам во вода, на кревет или во домашни услови. Јас и мојот сопруг ја одбравме болницата „Џон Ретклиф“ бидејќи таму има и доктори задолжени за посложени процедури при пораѓање (епидурална или спинална анестезија или царски рез). Бидејќи мојата бременост беше проценета како нискоризична и немаше потреба да имам закажано термин, ни беше даден број на кој требаше да се јавиме веднаш штом ќе почне процесот – раскажува Далиборка.

Откако ѝ пукнал воденикот (околу 3 часот по полноќ) со сопругот отишле во болницата во одделот за процена (Maternity Assessment Unit). Кога пристигнале, прво ѝ направиле кардиотокографија, позната како ЦТГ, и бидејќи контракциите ѝ биле слаби, се вратиле дома.

– Ни кажаа да одиме дома и да се вратиме во болница кога контракциите ќе бидат на растојание од три минути, со времетраење од барем една минута. Кога повторно пристигнавме во болницата, се пријавивме на рецепција и веднаш ме однесоа во соба во која имаше базен, пилатес-топка, кревет, придушено амбиентално светло и можност за арома-терапија. Бидејќи контракциите ми беа многу силни, во тој момент одлучив да влезам во базенот барем на одредено време. Поради тоа што ми беше помалку болно од топлата вода, одлучив да се породам во базенот – раскажува Петкова.

Водата ги намалува породилните болки / Фото: Youtube

Базенот бил долг околу 2 метра, широк 1,5 метар, длабок околу 1 метар и полн со вода. Бабицата ја одржувала температурата на водата на 37 Целзиусови степени. Далиборка во вода влегла по 11 часа откако ѝ пукнал воденикот и од тој момент ѝ требале уште 6 часа за да се породи.

– По природа сум издржлива на болка, но породилните болки не можат да се споредат со друг тип болка. При породувањето со мене беа бабицата и мојот сопруг, кој ми беше голема поддршка. Во Англија ако имате нискоризична бременост и одлучите да се породите по природен пат, пораѓањето го води само бабица. За мене целиот овој процес беше едно позитивно лично искуство. Презадоволна сум од бабицата што беше со мене и воопшто од целиот персонал во болницата. Додека бев во базенот, поради болката од контракциите, не сакав да зборувам. Целата енергија ја насочував на дишењето, онака како што ќе ми кажеа. Бабицата само седеше до мене, ми зборуваше дека треба да бидам храбра и дека во моментот кога ќе го видам бебето, целата болка ќе исчезне и цело време имаше насмевка на лицето. Притоа водеше евиденција за секој мој кажан збор, за секоја контракција. Своето искуство од породување ми го раскажале многу мои блиски пријателки и роднини што се пораѓале во Македонија. Но, јас доживеав едно многу поинакво, позитивно искуство – раскажува Петкова.

Таа опишува дека во вода се чувствувала многу полесно бидејќи телото лебди, а од топлината на водата телото се опушта и контракциите се помалку болни.
– Отсекогаш сум сакала да имам повеќе од две деца. Сигурно ќе има и следен пат и дефинитивно тоа ќе биде во базен. За секое следно дете би одбрала породување во вода – решена е Далиборка.



912

X