Почетокот на јули донесе одлична вест за татковците во Франција. Долгоочекуваната реформа стапи во сила, со што се воведе задолжително отсуство од 28 дена за сите новопечени татковци. Николас, медицински брат во дом за стари лица во Морбихан, чија ќерка ќе се роди за помалку од две недели, ќе биде меѓу првите што ќе имаат корист од новата политика.

– Ова е нашето прво дете. Едвај чекаме да се сретнеме со ова мало суштество и да поминеме време со него. Можноста да се земе едномесечен одмор е навистина голема работа за семејствата и татковците – изјави тој за „Франс прес“.

Татковците во Франција досега можеа да користат 14 слободни дена по раѓањето на детето, од кои три слободни дена плаќа работодавецот, а остатокот ги покриваат здравственото и социјалното осигурување. Сега породилното отсуство за татковците е двојно зголемено и изнесува 28 дена, од кои тридневните трошоци сè уште ги покрива работодавецот, а остатокот ги покрива осигурувањето.

Во случај на раѓање неколку деца (близнаци, тројки …) се додаваат седум дена одмор, што е вкупно 32 дена, во споредба со 18, на кои тие имаа право според претходниот закон.

Францускиот претседател Емануел Макрон уште во септември 2020 година објави дека сака двојно да го зголеми породилното отсуство на татковците, така што тие ќе можат повеќе да се вклучат во грижата и воспитувањето на децата, и со тоа сака да ја намали нееднаквоста меѓу жените и мажите.

– Кога ќе се роди бебе, нема причина само мајката да се грижи за него. Важно е да има поголема еднаквост во одговорностите – изјави Макрон минатата година.

Според него, компаниите што не им дозволуваат на своите вработени да земаат платено татковско отсуство ќе бидат казнети со 7.500 евра.

– Времето е важен фактор за воспоставување врска помеѓу детето и родителот. Претходниот период од 14 дена беше премногу краток – објасни францускиот претседател и неговиот план стапи во сила, како што беше најавено, на почетокот од овој месец.

Мајките во Франција по породувањето мора да земат породилно отсуство од најмалку 16 недели и 26 недели по раѓањето на третото дете. За тоа време тие добиваат компензација од државата.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, Шпанија им нуди 16 недели породилно отсуство на татковците, што е исто колку и породилното отсуство на мајките. Но, татковците не смеат да им ги префрлат неискористените недели на нивните партнерки. Шведска нуди 14 недели породилно отсуство, Исланд 9 недели, а Финска овозможува користење на еднакво платено родителско отсуство во траење од 164 дена, без оглед на полот.

Извор



912

X