За родителите чии бебиња се на интензивна нега, медицинските сестри што се грижат за нив се како ангели-чувари! Прочитајте ги нивните прекрасни пораки…

Среде непроспиените ноќи, држењето на бебето во прегратка и понекогаш ризичните медицински процедури – медицинските сестри од неонатологија често се како сончеви зраци во текот на црните и стресни моменти.
И иако овие жени обично мора да ги задоволат потребите и на бебињата и на родителите – повеќето од нив се согласуваат дека нивната работа е дефиниција за награда и покрај долгите и честопати тешки смени и безброј емоции што одат заедно со оваа професија.

Порталот Popsugar издвои неколку искуства на медицински сестри од неонатологија, почнувајќи од тоа низ што секојдневно поминуваат до напорните ситуации со кои се соочиле додека се грижеле за бебиња на кои им биле најпотребни.

Ни станувате како семејство

„Нема секогаш едноставни денови за сестрата, како ни за пациентот или за семејството – но самото давање поддршка и грижа ни помага на сите да продолжиме понатаму. И пред да трепнеш, малечкото бебе старо 26 недели за кое си се грижел со недели ќе може да си оди дома. За тоа време толку многу си се зближил со пациентот и родителите, што ти станале како семејство. Тоа е еден од најгордите моменти за секоја сестра“ – Британи Бенет.

Да се биде сестра на неонатологија не е за оние со слабо срце

„Многу луѓе мислат дека ние само си играме со бебињата по цел ден, но во реалноста мора да им вадиме крв на нашите мали пациенти, да им ставаме инфузија и цевчиња за исхрана, па и цевчиња што одат во белите дробови. Во секој случај – не е за оние со слабо срце!“ – Мелани Феретич.

Често нашата работа ја носиме дома

„Искрено и целосно се грижиме за вашите бебиња и им посакуваме сè најдобро. Толку силно што често работата ја носиме дома. Сосема е вообичаено да се грижиме за нашите пациенти и кога сме дома. Понекогаш се јавуваме во болницата да провериме дали се добри. Знам дека можеби ви се чини дека тоа е само наша работа, но нам ни е многу повеќе од тоа“ – Емили Форбс.

Не сакаме ништо повеќе освен да им го олесниме животот на родителите

„Најголема мотивација ми е задоволството што го добивам кога им помагам на уплашени мајки и татковци. Никој никогаш не размислува на тоа дека неговото бебе може да заврши на интензивна нега. Но, кога ќе видиш мајка која очигледно е опуштена и смирена кога ќе влезеш во собата, тогаш знаеш дека добро си ја работиш својата работа“ – Тери Морисон.

Често вашето семејство ни е на прво место

„Тежок дел од оваа професија се часовите што ги поминуваме на работа. Не се работи толку за 12-часовните смени (иако часовите се долги), туку за викендите и празниците. Често ги пропуштаме семејните настани бидејќи одделот неонатологија работи постојано. Иако станува збор за нешто што не може да се промени, тоа дефинитивно е жртвата што ја правиме како медицински сестри“ – Емили Форбс.

Потрудете се да бидете позитивни, дури и кога тоа се чини невозможно

„Останете позитивни! Вашето бебе навистина може да ја почувствува вашата негативна енергија. Дефинитивно се работи за емоционално и напорно опкружување, но не дозволувајте да потонете поради тоа. Можете да се грижите за вашето бебе само ако се грижите за себе. Продолжете да размислувате позитивно и имајте на ум дека сестрите секогаш се тука да ви помогнат!“ – Британи Бенет.

Никогаш не ги осудуваме родителите – без оглед на околностите

„Еден од најтешките аспекти на нашата работа е да не се плаче кога ќе се случи лош настан и, се разбира, никогаш да не се осудуваат луѓето. Имаме толку бебиња што во текот на бременоста биле изложувани на дрога и алкохол, но не смееме да судиме, можеме само да помагаме. Морам да кажам дека не би можела да поминам низ тешките смени без разговорите со своите колеги и колешки – тие ми се како семејство“ – Мелани Феретич.



912

X