Пожарникарите од Илиноис, САД, ѝ помогнале на жена да се породи на паркинг бидејќи таа и нејзиниот партнер не можеле навреме да стигнат во болница поради снежно невреме.
Парот повикал брза помош околу 7:30 часот во средата на паркинг во Плејнфилд. Поради силниот ветер и обилниот снег, тие не можеле да продолжат да возат со автомобилот, а временските услови наводно биле толку лоши што камионите се мачеле да ги расчистат патиштата.
Дежурните екипи брзо реагирале на повикот и само неколку минути по нивното пристигнување жената родила здраво девојче.

Шефот на противпожарната служба, Џон Стратон, изјави дека противпожарните екипи успеале да постават импровизиран шатор околу автомобилот за да ѝ дадат малку приватност на жената во текот на породувањето.
– Беше навистина лудо бидејќи сето тоа се случуваше среде снежна бура – изјави тој.
Мајката и бебето биле префрлени во блиската болница. Градоначалникот на Плејнфилд, Џон Аргуделис, рече дека и двајцата се добро.