Време е да му се препуштите на уморот во текот на бременоста: истражување потврдува дека дремката и спиењето во текот на бременоста се добри за здравјето на бебето. Поспецифично, попладневната дремка е поврзана со поголема тежина на бебето при раѓање, како и намалување на ризикот бебето да се роди премногу малечко.

Истражувачите во Кина, каде што попладневната дремка е вообичаена, испитувале податоци од над 10 илјади жени што ги вклучиле во студијата. Жените одговарале на прашања за нивните навики за спиење во текот на бременоста, откако веќе се породиле. Во споредба со жените што пријавиле дека не практикуваат попладневно спиење, жените што вообичаено имале попладневна дремка од околу час и половина имале значително помали шанси за раѓање бебе со ниска телесна тежина (2 килограми и помалку). И жените што спиеле еден час во текот на попладнето, исто така, имале намален ризик од раѓање малечко бебе, а тие дополнителни 30 минути речиси го зголемиле заштитничкиот ефект двојно.

Станува уште подобро – колку повеќе попладневни дремки имате, толку посилна е корелацијата. Поврзаноста помеѓу дремката и здравата тежина при раѓањето била најсилна кај жените што пријавиле дека спијат по 90 минути дневно, 5 до 7 дена во неделата.

– Според нашето знаење, ова е прва студија што ја утврдува поврзаноста помеѓу попладневното спиење и фреквенцијата на попладневната дремка за време на доцната бременост и ниската маса на бебето по раѓањето. Нашите откритија посочуваат дека соодветното попладневно спиење и неговата фреквенција за бремените жени може да значи редуцирање на ризикот од раѓање бебе со мала тежина – велат авторите на студијата.

Музика за нашите уши. Се разбира дека и други фактори придонесуваат за раѓање здраво бебе со соодветна маса. Но, приоритет за идните мајки треба да биде и сопственото здравје.

Автор: Аниса Арсенолт



912

X