За многу деца учењето е проблем и напор кој долго трае, а не ги дава очекуваните резултати. Затоа изберете соодветно место, менаџирајте го времето, одредете го стилот на учење…
Учењето е сложен психички процес на промена на однесувањето врз основа на усвоеното знаење и искуство преку активноста на поединецот и опфаќа усвојување на знаења, информации, вештини, способности, навики. При формирањето работни навики особено е важно да се насочи вниманието кон возраста на детето и неговите развојни можности и способности, при што голема улога во создавањето работни навики има учењето според модел. Родителите играат важна улога за успехот на детето во училиштето и во поттикнувањето и поддршката на независноста и односот кон учењето, како на училиште така и дома.
Развојните потреби на децата во основно и во средно училиште се разликуваат. На почетокот на образованието родителите можат најдобро да им помогнат на своите деца со разбирање и помош во развојот на работните навики што се појавуваат со формирање правилен став на детето кон работата и постепено воведување во работата.
За многу деца, учењето е проблем и напор кој долго трае, а не ги дава очекуваните резултати. Тогаш училиштето е досадно, а учењето заморно. Кога детето не учи или не може да го совлада материјалот, наместо да викате, да го казнувате или да му ги пишувате домашните задачи, почнете да му помагате полесно да учи и да постигне подобри резултати. Постојат одредени техники кои ќе ви помогнат да ги избегнете секојдневните расправии со вашето дете, кои ќе ви помогнат и вам и на вашето дете учебната година да ја поминете лесно и забавно.
Изберете соодветно место за учење
Просторијата во која детето ќе учи треба да биде добро осветлена. Настојувајте во близина да нема телевизор или компјутер и просторијата да биде тивка за да не му се одвлекува вниманието. Најдобро за учење е кога детето седи на стол. Никогаш не практикувајте да учи легнато в кревет или на фотелја зашто удобноста ќе ја намали ефикасноста во учењето.
Менаџирање на времето за учење
Направете распоред и разговарајте со вашето дете како да ги постигнете посакуваните резултати, планирајте ги паузите меѓу активностите и минимизирајте ги нарушувачките фактори додека учите (телевизор, телефон и сл.). Многу е важно децата да имаат време резервирано за учење. Не се препорачува детето да учи веднаш откако ќе се врати од училиште, како што многумина родители практикуваат. Во кој дел од денот ќе учи, договорете се со вашето дете. Разговарајте и заедно одлучите кога најмногу му одговара. Времето за учење да биде 45-50 минути, со задолжителна пауза од 10 до 15 минути бидејќи при долго и континуирано учење детето губи концентрација и времето ќе биде залудно потрошено. Сепак, сите деца не се исти, на некои им е потребно помалку, а на други повеќе време за учење.
Со помош на наставникот одредете го стилот на учење на детето
Стилот на учење наједноставно го определуваме како начин на кој индивидуата учи. Одредувајќи го стилот на учење може да му помогнете на детето да избере најсоодветни начини за совладување на содржините:
– Визуелен стил на учење – учениците имаат потреба да го гледаат наставникот, неговиот говор на телото и фацијалната експресија за да ја разберат содржината. Кога учат самостојно, преферираат илустрации, скици, дијаграми…
– Аудитивен стил на учење – најдобро учат кога слушаат, кога дебатираат. Кога учат самостојно, претендираат да учат наглас.
– Кинестетички стил на учење – најдобро учат преку истражување на средината, постојано допираат предмети.
– Интерперсонален стил на учење – децата учат во групи преку соработка, лесно ги разбираат социјалните ситуации и лесно развиваат односи.
– Интроперсонален стил на учење – децата учат преку концентрација и саморефлексија. Можат да работат сами и се свесни за своите чувства, предности и недостатоци.
– Експериментален стил на учење – сакаат да наоѓаат нови врски меѓу појавите, иновативни се.
Распределено наспроти концентрирано учење
При распределеното учење заморот е помал, а концентрацијата поголема. Кога се учи нова лекција, не треба веднаш да се запомни. На детето посочете му првин да ја прочита лекцијата, да ги забележи деловите што се важни и да се обиде да ја сфати суштината. Потоа треба да прочита еден дел и да го подвлече она што е важно. Научете го детето во текот на учењето да си поставува прашања и да се обиде да ги одговори. На овој начин полесно ќе ја сфати суштината. Откако ќе го разбере она што е подвлечено, нека се обиде да го повтори неколкупати, со свои зборови, додека не го научи. Доколку има за учење повеќе предмети, посочете му да почне со оној предмет што потешко му оди. Потребно е детето да направи пауза за одмор, па потоа да продолжи со следните содржини. За време на одморот знаењата се зацврстуваат и се спречува брзото заборавање.
Наградете го за трудот
Наградете го вашето дете за добро завршена активност со позитивна реакција: Искрено пофалете го она што ви се допаѓа (на пример: „ одлично направено“, „денес си навистина брз“ …), со насмевка, допир што следува веднаш по успешно завршената активност. Пофалбата е најдобра награда за постигнатиот успех. Секако, добрите оценки треба да ги прославите така што на детето ќе му овозможите нешто што тоа го сака, но сепак не треба да претерувате со награди за секој успех. Ако детето добие слаба оценка, замолете го да ви ја објасни причината за слабиот успех. И запомнете, немојте наместо детето вие да му ги пишувате домашните задачи и да му читате лектири зашто на овој начин наместо да му помогнете, ќе му го отежнете процесот на учење и ќе му го загрозите успехот во понатамошното школување.
Препорачливо е да ги вклучите и другите членови на семејството, не мора само еден од родителите да биде одговорен за поддршката и помошта на детето во процесот на учење.
912