Воспитување

Помогнете му на детето да ја надмине срамежливоста во 7 чекори

Да се биде срамежлив може да биде осакатувачки за детето, бидејќи ќе доведе до губење на можности за него, но и да предизвика фрустрација кај неговите родители. Некои родители се обидуваат да го поттикнат срамежливото дете да се вклучи во социјални ситуации, но таквиот притисок најчесто не функционира, па многу деца на тој начин уште повеќе ќе се чувствуваат самосвесни, велат психолозите.

– Повеќето луѓе го идентификуваат срамежливото дете како тивко, инхибирано лице кое избегнува да биде вклучено во социјални активности. Притисокот врз децата за да бидат помалку срамежливи нема да помогне, туку ќе го направи детето повеќе свесно за себеси. Срамежливоста не е само поврзана со неподготвеноста да се вклучи во социјални активности, туку е поврзана и со верувањето на детето дека другите ќе гледаат негативно на него – вели клиничкиот психолог д-р Хелен Родвел.

Ана Фиорентини, директор на театарот и филмското училиште „Фиорентини“ во Лондон, верува дека играњето улоги и глумата може да им ја дадат на децата потребната самодоверба за да ја надминат срамежливоста. Таа самата увидела како учениците излегуваат од својата „школка“ за само неколку недели благодарение на моќта на настапувањето и слободата што им се дава на децата за да се изразат себеси.

Родвел и Фиорентини даваат совети како да се охрабрат децата да ја надминат срамежливоста:

1. Прифатете го вашето дете такво какво што е

Родвел вели дека срамежливоста сама по себе нема да му предизвика штета на детето, а многу деца ја развиваат социјалната самодоверба кога ќе пораснат. Но, во меѓувреме родителите не треба да вршат притисок врз децата и треба да ги прифатат такви какви што се.

– Подобро е да се отстрани осудувањето кон детето. Обидете се со став – дека е во ред детето да си биде свое и да користи повеќе време за да се навикне на нови луѓе и нови места. На некои деца едноставно им е потребно повеќе време за да се приспособат – вели таа.

2. Користете пофални зборови

Често упатуваме генерални пофалби за вложениот труд или уметничкото парче, но ретко размислуваме за она на што му упатуваме пофалба. Бидете специфични и препознајте го индивидуалниот вложен труд во нешто. Не претерувајте со пофалби, туку чувајте ги за моментот кога навистина ќе значат нешто – вели Фиорентини.

3. Може ќе ја надминат срамежливоста како што ќе растат

Срамежливоста е честа кај децата и може да е поврзана со различните фази на развој.

– Малите деца често се срамат од непознати луѓе, а тоа може да биде гледано и како знак на здрава поврзаност. Како што расте детето, обично развива поголема сигурност и станува поблиско со различни луѓе и ситуации. Исто така, родителот кој е повеќе срамежлив и се чувствува непријатно во нови социјални ситуации, има поголема веројатност да има срамежливо дете, но детето може да развие социјална самодоверба од рана возраст ако поминува време со други лица на игралишта, во игротеки, градинки итн. – вели Родвел.

4. Модел на самодоверба

За да му помогнете на детето да ја надмине срамежливоста, покажете му како се прави тоа, бидете пример и модел кој детето ќе може да го копира и да добива совети од него – имате поголемо влијание врз детето отколку што мислите, вели Фиорентини.

5. Искористете ја моќта на играта

Родвел вели дека родителите може да им помогнат на децата да изградат внатрешен извор на социјална самодоверба преку играта. Не треба да се потценува моќта на играта каде што се вклучени родителите и децата и поминуваат време заедно, вели таа.

– Едноставните игри може да му дадат на детето забавно искуство и можност да се поврзува со вас, па со тоа да се зајакне основата за градење на самодовербата. Ако му помогнете на детето да развие јасно сознание дека е сакано и вреднувано, тоа ќе ви помогне да го заштитите од негативните гледишта што може да ги создаде за себе кога е со други лица – вели Родвел.

6. Охрабрете го детето да развие повеќе интереси

– Да се биде најдобар во една работа е одлично, но да се има широк спектар на интереси и хобија е нешто што ќе му помогне на детето да согледа дека е способно за многу повеќе работи отколку што мисли. Тоа може да биде спорт, училиште или некоја уметничка активност – вели Фиорентини.

7. Промовирајте отпорност

Работите нема секогаш да одат добро за сите, а децата мора да го научат тоа, вели Фиорентини.

– Работите некогаш ќе тргнат на лошо и ќе има неуспеси, но важен е начинот на справување. Кога детето е премногу свесно за себе, може претерано да размислува и да стане самокритично, па затоа е важно да научи да ги прифаќа грешките и несовршеностите и да не се чувствува дека мора да биде без маана за да биде прифатено. Покажете му на детето дека треба повторно и повторно да се обидува. Отпорноста е вештина која е многу корисна во сите етапи од животот – вели Фиорентини.

Автор: Лиса Семон

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top