Здравје

Помогнете му на детето да го преброди разводот

Кој е најдобриот начин да ѝ помогнете на вашата фамилија да преброди развод? Секоја ситуација и секое семејство се различни, но некои упатства за намалување на стресот можат да го олеснат приспособувањето

Има сугестии што можат да го направат разводот помалку болен за децата, тинејџерите и за семејствата. Родителите ќе треба да ги интерпретираат на свој начин. Искреност, чувствителност, самоконтрола и време помагаат во процесот на заздравување. Бидете трпеливи – не сечиј распоред е ист.

Охрабрете ги децата отворено да дискутираат за чувствата

За оние родители што се разведуваат или се веќе разведени, важно е да седнат со нивните деца и да ги охрабрат да кажат што мислат и што чувствуваат. Но, ќе треба ова да го одделите од вашите чувства. Најчесто децата искажуваат чувство на загуба на семејството и може да ве обвинат вас или другиот партнер, или и двајцата, за она што се случува во нивните животи. Затоа, навистина треба да бидете подготвени да одговорите на некои прашања што вашите деца може да ги постават или да посветите внимание на нивните грижи. Направете го зборувањето за разводот и како тој ги погаѓа вашите деца тековен процес. Како што децата растат и стануваат позрели, тие може да имаат прашања или грижи за кои не мислеле претходно. Дури и ако изгледа како и претходно да сте ја поминале таа тема, оставете го дијалогот отворен. Ако е можно, седнете со другиот родител и планирајте како ќе зборувате со вашето дете или деца за она што се случува.
Ако чувствувате дека може многу да се вознемирите, замолете некој друг да разговара со нив. Во ред е децата да ги видат своите родители тажни или вознемирени, но ако станете премногу емотивни, тоа може да направи децата да се чувствуваат одговорни за чувствата на нивните родители.

Може да бидат бесни, преплашени или загрижени

Природно е децата да имаат многу чувства за разводот. Тие може да се чувствуваат виновни и да замислуваат дека го предизвикале проблемот. Ова е особено вистинито за многу деца што ги наслушнале своите родители како се расправаат за нив. Децата и тинејџерите може да бидат бесни, преплашени или загрижени за нивната иднина.
Иако децата може да се борат со разводот одредено време, вистинското влијание обично се чувствува во период од две до три години. Во текот на овој период некои ќе можат да ги искажат своите чувства, но, во зависност од нивната возраст и развојот, други деца може едноставно да немаат зборови, да станат депресивни или да изведуваат. За деца што одат на училиште, ова обично се гледа преку пониските оцени или губењето на интерес за активности. За помалите деца, чувствата често се изразуваат преку игра.
Имаат право на чувствата

Може да биде предизвикувачки да му кажете на дете да не се чувствува на одреден начин, но децата имаат право на нивните чувства. И ако се обидете да исфорсирате среќно лице, вашите деца може да не ги споделуваат вистинските чувства со вас.

Конфликтите и кавгите подалеку од децата

Ова е едно од најтешките работи што треба да се направат. Но, важно е никогаш да не му кажувате лоши работи на вашиот поранешен сопружник пред децата или кога тие би можеле да слушнат. Ќе се изненадите колку добри можат да бидат децата во слушањето на тие нешта. Истражувањата покажуваат дека најголемиот фактор во долготрајното приспособување на децата на разводот е нивото на конфликт меѓу родителите на кое тие се изложени. Тоа ги става децата во навистина тешки позиции ако сакаат или мораат да заземат страна или да ги слушаат сите тие негативни нешта кажани за некој од двајцата родители.
Еднакво е важно и да се признаат реалните настани. Ако, на пример, едниот сопружник едноставно ја напуштил фамилијата така што се иселил, треба да признаете што се случило. Не е ваша одговорност да го објаснувате однесувањето на поранешниот сопружник, но ако вашите деца сакаат да ве прашаат, важно е да одговорите колку што е можно понеутрално.

Не користите ги како поштари

Иако е искушувачки, обидете се да не ги користите децата како пренесувачи на пораки. Има многу други начини на кои можете да комуницирате со поранешниот партнер. Исто така, одолејте им на прашањата за тоа што се случува во другото домаќинство. Децата не поднесуваат кога од нив се бара да го шпионираат другиот родител. Кога е можно, комуницирајте директно со другиот партнер за сите важни работи, како здравствени проблеми, распоред или проблеми на училиште.

Очекувајте тешкотии додека децата да се навикнат на новиот партнер

Новите врски, измешаните фамилии и повторното стапување во брак се меѓу најтешките аспекти на процесот на разведување. Новата и измешана фамилија може да додаде стрес за одредено време и може да предизвика уште еден период на привикнување. Оставањето на комуникацијата отворена, поминувањето време сами – родители и деца – и забележувањето на знаците на стрес може да помогнат во превенцијата на проблемите што се развиваат.

Најдете начин да го намалите стресот

Поддршката од пријателите, роднините, црквата или од организациите може да им помогне на родителите и на децата да се приспособат на разделбата и разводот. Децата може да се сретнуваат со други кои развиле успешни врски со разделени родители и да имаат доверба едни во други. Добивањето поддршка може да им помогне на родителите да најдат решение на сите видови практични и емоционални предизвици.

Кога и да е можно, децата треба да бидат охрабрени да имаат позитивно мислење за двајцата родители. Дури и под најдобрите околности, разделбата и разводот можат да бидат болни и разочарувачки за многу деца.

Грижете се за себе

Исто така, родителите треба да се грижат и за самите себе. Најдете свој начин за намалување на стресот во вашиот живот преку пронаоѓање пријатели кои ќе ве поддржуваат и така што ќе побарате помош од нив кога ќе ви биде потребна. Обидете се да задржите некои стари семејни обичаи додека создавате нови спомени. Покажувајќи им на вашите деца како да се грижат за умот и телото во тешки времиња, може да им помогнете да станат поцврсти.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top