Иронијата во животот со новороденче: некако бебето успева да спие многу, а мама и тато едвај. Но не плашете се, постојат начини со кои можете да му помогнете на вашето бебе и да создадете здрава рутина за сон. Бонус: и вие ќе имате повеќе време за спиење
Одгледувањето здраво бебе што ќе има доволен сон почнува со доследно рутинско спиење. Можете да почнете да го спроведувате кога вашето бебе ќе има околу шест недели. Во исто време секоја ноќ заедно читајте книга, пејте песнички и нахранете го вашето бебе пред да го ставите во креветчето. Помага и ако бебето секое утро станува во исто време и ако го легнувате во исто време во текот на денот.
Подготвено за обука за спиење
Помеѓу четири и шест месеци вашето бебе е подготвено за, ако може да се нарече така, обука за спиење. Иако сите бебиња се различни, повеќето од нив на оваа возраст можат да спијат цела ноќ (од 8 до 12 часа). Но постојат различни начини за обука за спиење. Што и да одберете, упорноста е клучниот фактор.
Стратегиите за обуката се движат од „остави го да се исплаче“ до „без солзи“.
Фото: pexels
Вие најдобро знаете што функционира
„Остави го да се исплаче“ – овој метод вклучува ставање на вашето бебе во креветчето поспано, но будно. Целта е вашето дете да научи да заспие без ваша помош, така што кога ќе се разбуди среде ноќ, ќе биде во можност да заспие само, без да има потреба да се будите и пак да го заспивате. Велите „добра ноќ“ и ја напуштате собата – дури и ако вашето бебе плаче. Потоа се враќате за да го утешите бебето, но постепено го зголемувате временскиот период. Тешко е кога слушате како вашето бебе плаче, меѓутоа, родителите што ја примениле оваа техника велат дека резултира со помалку солзи во целина и повеќе сон за сите.
„Без солзи“ – исто како што некои родители и експерти сметаат дека е безопасно да го оставите бебето да плаче одреден период, други претпочитаат методи за спиење со кои вашето бебе постепено ќе научи да заспие без помош од мама или тато. На пример, еден од методите „без солзи“ вклучува седење до креветчето додека бебето да заспие и потоа секоја вечер го поместувате столот подалеку од креветчето, до моментот кога столот ќе биде на прагот, а на крај – надвор од собата.
„Хибрид“ – нормално е да спаѓате некаде во спектарот помеѓу овие две техники – вие најдобро знаете што функционира за вас и за вашето дете.
Совети за подобар сон
Доколку не сте сигурни дали сте подготвени за ваква обука, а сакате да му помогнете на вашето бебе да стекне добри навики за спиење, постојат други работи што можете да ги направите.
Поттикнете го вашето бебе да го наполни мешето во текот на денот за да научи дека денот е за јадење, а ноќта за спиење.
Не одговарајте на секое будење на бебето. Природно е бебето да се разбуди во текот на ноќта. Истото го прават и возрасните, но тие заспиваат без да сфатат дека се разбудиле. Затоа, почекајте некоја минута пред да го земете бебето за да го презаспиете.
Создајте услови за рано легнување. Дури и ако изгледа контраинтуитивно, раното легнување, на пример, 18.30 или 19.00, може да му помогне на вашето бебе да спие подолго. Тоа е така затоа што уморот кај бебињата најчесто предизвикува тешкотии во спиењето, а тоа доведува до ноќни будења и будења рано наутро.
Пуштете ја светлината. Помогнете му на вашето бебе да ја научи разликата помеѓу денот и ноќта така што ќе ги отворите ролетните наутро, кога почнува денот. Вечерта, пак, собата нека биде тивка и темна. Исто така, белите звуци би можеле да ви помогнат да го заспиете бебето.