Некои деца се свесни и засегнати од тензиите во семејството. Еве како да им помогнете да се справат со нив
Најчесто голем дел од децата реагираат на напнатоста и тензиите во семејството на таков начин што родителите често знаат да речат дека постојано глумат, сакаат внимание и претеруваат.
За жал, децата не велат: „Мама и тато, работите во последно време беа напнати. Можеби е време за активно решавање на проблемите“. Наместо тоа, тие реагираат на тензијата така што постојано се жалат, ништо не им е погодено, се караат со браќата, сестрите, одбиваат да соработуваат и се однесуваат несоодветно. Самите деца не можат да објаснат што не е во ред, тие едноставно чувствуваат и дејствуваат кога семејното опкружување станува напнато. Ако вашето семејство доживува стресен период и имате вакво дете, еве како можете да му помогнете.
1. Барајте го проблемот подлабоко
Иако мора да се справите со несоодветното однесување на детето во моментот кога тоа се случува, ако однесувањето е често, вреди да гледате пошироко и да анализирате подлабоко за тоа што се случува во семејството.
Мирната атмосфера во домот кај децата предизвикува чувство на смиреност. Чекорите за намалување на семејниот стрес вклучуваат намалување на активностите и одговорностите, добивање помош во грижата за децата или разговарање со партнерот на посмирен начин. Ова значи и грижа за себе, за подобро да бидете „опремени“ за да станете родител каков што сакате да бидете.
2. Разговарајте за чувствата и споделете информации кога е соодветно
Ако вашето семејство минува низ тежок период, искрено разговарајте со вашето дете на начин соодветен за возраста за она што се случува и како се чувствувате. Секако дека не сакате да го оптоварувате вашето дете со вашите најинтензивни чувства или екстремно приватни информации. Но ако вашето дете почувствува дека нешто не е во ред, заслужува да му објасните што се случува.
3. Држете се до рутини
Во стресни времиња рутините можат да бидат утешителни. Тие на децата им даваат чувство на предвидливост, што е особено важно кога другите животни околности се менуваат или не се сигурни. Кога времето за спиење, училиштето и активностите се случуваат во исто време, како и секогаш, на децата им е полесно да се справат со другите предизвици.
4. Намалете ги очекувањата за вашето дете и за себе
Ако чувствувате дека барањата или стресните настани и околности се премногу, можеби ќе треба да ги намалите очекувања за другите работи. Сега е време да изберете за што да го карате вашето дете, а за што да му „прогледате низ прсти“. Можеби не е соодветен период да почнете со откажувањето од пелени или да инсистирате да си го мести креветот.
5. Вклучете го вашето дете во решенијата
Повеќето луѓе се чувствуваат подобро ако можат да направат нешто со стресните ситуации. Видете дали вашето дете има идеи за тоа што може да направи за да ви помогне. Можете да предложите некои акции како: „Можеш да му помогнеш на тато така што ќе го прегрнеш“; „Можеш да помогнеш така што ќе си ги ставиш сам/а чевлите“. Ова е многу подобро од: „Ќе помогнеш ако не се расправаш со сестра ти/брат ти“.
Децата се вистински подарок. Тие можат да нѐ предупредат за емоционалната состојба на нашето семејство и да нѐ охрабрат да направиме позитивни промени и да го подобриме справувањето и соочувањето со ситуациите.