Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

„Сакав да напишам кратко писмо, ама немав време“ – Блез Паскал

– Како работите: долго и напорно, бавно и тешко или кратко и паметно?
– Како читате книги: што повеќе – во еден здив, ретко ќе прочитате, бавно – ја препрочитувате, ја прераскажувате.
– Како се облекувате?
– Како го уредувате домот?

За многу работи во животот важи правилото „помалку е повеќе“, па некои се обиделе да го испробаат и во образованието, од обични секојдневни промени, па сè до реформи. Дали успеале? Па прочитајте само за Финска и нејзините успешни училишта. Квалитетот го ставиле пред квантитетот: помалку часови, помалку наставни содржини, помалку ученици во училница, помалку оценување и тестови, но повеќе игра и одмор, повеќе размислување и проекти, повеќе интегрирање, одбрани наставници.

Кога само би можеле да влезете на час по математика во прво, второ, трето одделение. Наставничката се обидува да стаса кај секое од децата да му објасни, учениците се обидуваат да ги решат задачите, ретко кое успеало сè да заврши целосно и точно и по многу интервенции и објаснувања од наставничката. Каде е проблемот? Во тоа повеќе. Во тоа што се одлучило децата да учат повеќе и нешто што не можат да го усвојат на таа возраст.

Еден наставник во минатото направил експеримент и не ги поучувал своите ученици на сметање сè до шесто одделение, и тоа биле претежно сиромашни ученици. Кога почнале да учат сметање, само во едно одделение постигнале подобри успеси отколку сите ученици во сите претходни одделенија. Сигурно некој научил некои лекции од овој експеримент, но не и ние.

Прочитајте само за Финска и нејзините успешни училишта. Квалитетот го ставиле пред квантитетот: помалку часови, помалку наставни содржини, помалку ученици во училница, помалку оценување и тестови, но повеќе игра и одмор, повеќе размислување и проекти, повеќе интегрирање, одбрани наставници

Можеби и поголемиот број родители се свесни за овој проблем, се соочуваат со него доколку работат и дома со своите деца, наставниците се целосно свесни и секојдневно се соочуваат и се обидуваат да се справат. Наставните програми се фиксни, дадени се содржините што мора да ги совладаат учениците за секое одделение и предмет, наставникот не може да менува во обемот на содржините, само во пристапот за нивно совладување. Но кога е многу, многу е, па што и да правиш, некогаш е попусто.

И не е само тоа. Учениците уште од прво одделение имаат и по пет часа дневно, па сè до седми уште од четврто. Па еднаш неделно дополнителна, додатна, секција, натпревари, па по часовите на некој курс, на спорт, домашна, за учење… Согледајте колку време по сето ова му останува на детето за играње во маалото. Ако тоа го нема секој ден најмалку по час-два, сè што учи друго е попусто.

Што НЕ можете да промените како родители:

– училишниот систем – наставните програми,
– училиштето во кое учи детето, бројот на ученици во паралелката и наставниците,
– времето во кое живеат – технологија и интернет.

Што МОЖЕТЕ да промените како родители:

– како ќе ја реши домашната,
– колку ќе игра надвор,
– колку активности ќе посетува во и надвор од училиштето,
– како и колку ќе ја користи современата технологија,
– каков е вашиот став кон успехот на детето,
– какви приоритети ќе поставите.

Во она што можете да го промените обидете се да се водите од правилото „помалку е повеќе“ бидејќи сè што е премногу, колку и да е слободно и интересно, на детето му здосадува, не го поттикнува да научи повеќе. Не плашете се дека можеби нешто не научило денес, ќе научи утре, по една година, всушност, кога ќе биде подготвено за тоа. Ваше е да понудите, поттикнете, поддржите и овозможите.



912

X