Ползењето е една од развојните фази на децата, а експертите тврдат дека е важно за развојот на моторичките вештини на бебињата, но и дека придонесува кон ран развој на мозокот. Но, можеби ќе се зачудите што најновите истражувања потврдуваат дека воведувањето на ползењето, како терапија, се покажало ефективно и кај постарите деца што имале тешкотии во учењето или проблеми со АДХД.

Што е терапија со ползење?

Терапијата со ползење не е комплицирана како што можеби ви изгледа, а можете да ја воведете како дел од дневната рутина. Ги вклучува основните движења на ползење кои доенчето ги користи во развојните фази. Имено, студиите покажале дека терапијата со ползење и други слични вежби за движење може да им помогнат на децата на сите возрасти во покренувањето на мозочните синапси кои „мирувале“ во текот на развојот.

Долгорочни предности на ползењето се:

-Воспоставување нови невронски врски во мозокот
-Подобрување на координацијата на рацете и очите, како и свест за телото
-Јакнење на грбот, рамената, колковите и на рацете
-Подобрување на рефлексните движења и сили
-Вклучување активности од двете страни на мозокот истовремено
-Помага во ублажување на стресот, во намалување на хиперактивноста и го подобрува фокусот.

Како да се практикува овој вид терапија?

За 9-месечно бебе, ползењето е облик на движење, начин на кој го истражува светот и ги дофаќа предметите што се во фокус на неговиот интерес. Но, кога детето ќе почне да оди, ползењето, освен во текот на играта, оди во втор план. Бидејќи се покажале многу придобивки од ползењето кај децата на постара возраст, а поврзани со когнитивниот развој, задржување на фокусот, јакнење на телесната мускулатура, воведувањето на ползењето во практиката може да биде забавна и добра активност. Дури и ако вашето дете нема тешкотии во учењето, може да има корист од движењето. Заедничкото ползење, всушност, може да биде забава за целото семејство и омилена заедничка активност со која можете да се занимавате и кога надвор не е добро времето, а на детето му недостига физичко движење. Ползејќи со детето само 5 минути по училиште секој ден, би можеле да забележите намалување на стресот, а вашето дете може да потроши и многу негативна енергија која му се насобрала со повеќечасовно седење во училишната клупа.

Како да почнете со ползење со дете на училишна возраст?

Ползете како бебе – обидете се да ползите на раце и колена, како што прават бебињата. Кај ползењето, кога левата рака прави чекор, нека ја следи десното колено, а десната рака, левото колено.

Ползење како мече – Овој стил на ползење е малку поинтензивен, а го презеле и возрасните на своите физички тренинзи. Колената се одвоени, а со земјата во контакт доаѓаат стапалата и дланките, а задницата е високо крената.

Ползење како рак – и ова може да биде забавно. Детето нека седне на подот и нека се потпира со дланките и стапалата. Потоа нека го крене задникот и нека се движи напред-назад или лево-десно. Сè е забавно. Можете да организирате и натпревар во ползење, зарем не?

Ползење како војник – или ползење така што детето е потпрено на лактите и натколениците, па ги поместува спротивната рака и нога напред.

Ако сакате уште повеќе возбуда, поставете тунели од кутии и ползете на кој начин и да сакате, поминувајќи низ картонските тунели.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X