Консумирањето алкохол во текот на бременоста долго време беше поврзувано со вродени маани и проблеми во развојот кај новороденчињата. Нова студија потврдува врска помеѓу вродените срцеви маани кај новороденчињата и навиките за консумирање алкохол кај родителите пред процесот на зачнување.

Во споредба со оние што не пијат, татковците што консумираат алкохол три месеци пред зачнувањето имаат 44 отсто поголем ризик да добијат дете родено со вродена срцева маана, објавува Си-ен-ен.

Вродените срцеви маани погодуваат приближно 1 отсто од сите новородени деца секоја година во САД. Тоа во бројка е околу 40 илјади бебиња, според информациите на Центарот за контрола на заразни болести и превенција. Исто така, бројот на регистрирани маани е во пораст. Ако идните татковци често консумираат алкохол, што е дефинирано како пиење пет или повеќе пијачки во една „сесија“, тие имаат 52 отсто поголем ризик нивното бебе да има вродена срцева маана.

Претходни истражувања покажале дека алкохолот ја менува ДНК во однос на развојот на сперматозоиди и нивната активност, иако тој процес не е целосно сфатен. За мајките, пак, што консумираат алкохол, постои поголем ризик за нивните бебиња за 16 отсто.

Водечкиот истражувач Џиаби Кин од  Универзитетот „Чанша“ во Кина и неговиот тим ги разгледувале резултатите од 55 студии кои се фокусирале на срцевото здравје на повеќе од 300 илјади деца и пронашле поврзаност во случаите каде што имало појава на вродени срцеви маани и навиките на родителите за консумација на алкохол. Тоа значи дека пиењето не може да се дефинира како единствен и конечен предизвикувач, туку дека вродените срцеви маани може повеќе да се појават ако родителите имаат проблем со пиењето.

Се разбира, никој не може да предвиди кога еден пар ќе зачне дете, па научникот Кин препорачува татковците да престанат со консумација на алкохол шест месеци пред да се обидуваат да имаат дете, а мајките дури една година претходно. Исто така, мајките треба да не пијат алкохол и за време на бременоста. Речиси сите експерти советуваат дека мајките додека се обидуваат да забременат, треба целосно да избегнуваат алкохол.

„Пиењето не само што може да ги зголеми шансите детето да се роди со срцева маана, туку и сериозно го загрозува и здравјето на самите родители“, сметаат истражувачите.

Претходните студии се фокусирале на мајката и консумацијата на алкохол, а ова е прва ваква студија што ги анализира последиците од консумацијата на алкохол на татковците пред зачнувањето. Вродените маани се случуваат кај едно од 33 бебиња и се водечка причина за доенечка смртност. Вродените срцеви маани се најчест тип на вакви аномалии, а според Центарот за контрола на заразни болести и превенција во САД, околу 30 отсто од бебињата родени со срцева маана исто така имаат и други физички проблеми или нарушувања во развојот.

Автор: Санди Ламот



912

X