Според СВР Битола директорот на битолското училиште денеска пријавил во полиција и побарал нејзина интервенција, бидејќи кај неколку ученици била забележана појава на самоповредување

Полицијата заедно со група експерти ќе проверува зошто се самоповредиле ученици во битолското основно училиште „Коле Канински“, соопштуваат од СВР Битола. Директорот на ова училиште Зоран Мирчевски, денес за една од телевизиите изјави дека тоа го сториле предизвикани од опасни интернет игри.
Според СВР Битола директорот на битолското училиште денеска пријавил во полиција и побарал нејзина интервенција, бидејќи кај неколку ученици била забележана појава на самоповредување. По пријавата од директорот, полицијата побарала информации од центарот за социјални работи во Битола и од здравствените установи во градот.

-Од Центар за социјални работи Битола бевме известени дека до денес дошол еден родител, кој побарал институцуионална помош за детето за надминување на проблемите кои се јавиле во однесувањето на детето кое пробало да се самоповреди на раката, настан кој се случил пред Нова година. Во текот на денешниот ден се јавило на разговор и друго семејство за своето дете кое минатата недела си нанело повреда. Извршен е разговор со директорот на училиштето и прибрани се сите информации за понатамошно постапување и преземање на мерки околу расчистување на случајот – стои во соопштението.

Фото: Фејсбук

Од битолската полиција по пријавата од директорот на училиштето побарале информација и од Здравствен дом Битола и од Клиничката болница – Битола. И од двете установи ги известиле дека до денеска кај нив не е побарана медицинска интервенција кај деца кои се самоповредиле или да бидат примени деца кои се самоповредиле.

-Се преземаат координирани активности и мултисекторско постапување со вклучување на стручните педагошки и психолошки служби на училиштата, Центарот за социјални грижи и здравствените институции – се наведува во соопштението од СВР Битола, што го добивме од МВР.



912

X