Природата, зеленилото и светлината, мирисот на почва и тивкото шушкање на лисјата на ветрот може да ги смират нашите брзи современи животи. Нашите клетки издишуваат кога се опкружени со природата, а нашето тело и ум влегуваат во состојба на релаксација.

Некои луѓе се обидуваат да ги максимираат терапевтските ефекти на зеленилото и природата забавувајќи се и уживајќи во природата. Но, со оглед на тоа што светот брзо се урбанизира, се намалуваат зелените површини, а градовите растат и се зголемуваат. Научниците се обидуваат да сфатат како зелените површини или нивниот недостиг може да влијае врз нашето ментално здравје.

Истражувањето објавено во мултидисциплинарното научно списание ПНАС ја покажува најголемата истрага за врската помеѓу зелените површини и менталното здравје.

Истражувачите од Универзитетот „Архус“ во Данска откриле дека растењето во близина на вегетација е поврзано со 55 отсто помал ризик од нарушувања во менталното здравје подоцна во животот. Кристин Енгеман, биологот што го предводел истражувањето, комбинирала сателитски снимки со екстензивни здравствени и демографски податоци на данската популација за да го истражува менталното здравје кај луѓето што растат во близина на зеленило.

– Обемот на истражувањето е навистина голем – вели Кели Ламберт, невролог од Универзитетот во Ричмонд, која ги проучува психолошките ефекти на зелените површини. Помалите истражувања навестуваат дека недостигот на зелена површина го зголемува ризикот од нарушувања на расположението и шизофренија, а може да влијае и врз когнитивниот развој.


Но, повеќе фактори, како социо-економскиот статус, семејната историја на ментални болести и урбанизацијата, може да имаат големи ефекти врз менталното здравје. Побогатите семејства, на пример, може да си дозволат да живеат во населби со многу зеленило, а може да имаат пристап и до други ресурси што би можеле да го подобрат развојот на децата.

За да се изолираат ефектите од природата од толку многу потенцијални фактори што предизвикуваат конфликт, потребен е голем и богат збир на податоци. Данскиот систем за регистрација на граѓаните е токму тоа.

Создаден во 1968 година, системот му доделува на секој дански државјанин личен идентификациски број и ги евидентира полот, местото на раѓање и матичниот број на родителите. Матичниот број ги поврзува поединците во повеќе бази на податоци, вклучувајќи и евиденција за менталното здравје, кое се ажурира со промената на местото на живеење.

– Ова е неверојатно богат извор на податоци – вели Енгеман. Конечниот збир на податоци на истражувачите се состоел од речиси 1 милион Данци родени помеѓу 1985 и 2003 година, а за нив имало лонгитудинални податоци за менталното здравје, социо-економскиот статус и местото на живеење.

Сателитските податоци уште од 1985 година им овозможиле на истражувачите да ја пресметаат густината на вегетацијата околу секоја резиденција. За жал, овие податоци не разликуваат шума со стар раст од новообрасната шума, но генерално, колку повеќе зеленило има на една парцела, толку е поголема густината на вегетацијата.

Вооружени со овие податоци, истражувачите го споредиле ризикот од развивање 16 различни ментални нарушувања во зрелоста со тоа колку зеленило го опкружувало живеалиштето на секое дете. Бидејќи имале информации за годишниот приход, работната историја и нивото на образование, тие имале можност да го измерат релативниот придонес на зелената површина со социо-економската состојба на родителите и соседството.

Откако ги зеле предвид овие потенцијални фактори, истражувачите откриле дека биле поврзани со помал ризик од развој на ментални болести во подоцнежниот живот, од 15 до 55 отсто, во зависност од специфичната болест. На пример, алкохолизмот бил силно поврзан со недостигот на зеленило додека луѓето растеле, а ризикот од добивање некаква ментална попреченост не бил поврзан.

Поврзаноста на зеленилото со подобро ментално здравје важела и за руралните и за урбаните области во Данска.

– Може да сте растеле во урбани средини, но сепак да имате намален ризик ако сте биле опкружени со зелени површини – вели Енгеман.

Истражувањето не можело да објасни како различните видови зелена површина влијаат врз менталното здравје. Дали шумите имаат поголемо влијание од парковите? Дали е потребно луѓето активно да ги користат овие простори или само растењето покрај нив е доволно? Ова се прашања на кои Енгеман се надева дека иднините истражувања ќе можат да одговорат.

Останува едно големо прашање: Зошто? Зошто растењето близу дрвја, грмушки и трева ја зголемува отпорноста кон развој на ментални здравствени проблеми?

Според Ламберт, објаснувањето се наоѓа длабоко во нашата еволуција. Таа вели дека сме еволуирале опкружени со зелени површини, така што изложеноста на нашата „природна“ средина може да има силни физиолошки и психолошки ефекти. Дополнително, повеќе зелени површини едноставно може да поттикнат поголема социјална интеракција, вежбање или намалување на загадувањето на воздухот и бучава, за кои се знае дека влијаат врз менталното здравје. Дури и изложеноста на поширока разновидност на микроби во детството може да игра голема улога.

– Има многу потенцијални механизми за следење, но генерално мислам дека ова истражување е неверојатно важно. Сугерира дека нешто едноставно како подобро планирање на градот може да има длабоко влијание врз нашето ментално здравје и нашата благосостојба – вели Ламберт.



912

X