Од среда полицискиот час во цела Македонија ќе почнува во 16, а ќе завршува во 5 часот наутро во работните денови, додека за време на викендите ќе има 24-часовен полициски час, соопштија денес од Владата. Тоа значи дека движењето на граѓаните ќе биде забрането од петок во 16 часот до понеделник во 5 часот изутрина.

– Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот – се наведува во соопштението.
Во него се додава и дека се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

– За земјоделските активности, дозволено е движење во рамките на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи. Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено – се наведува во соопштението.



912

X