д-р Игор Ангелевски, стоматолог

д-р Игор Ангелевски, стоматолог

ПЗУ „Др Александра Асенова“ е-пошта: iangelevski@yahoo.com

Повеќе од авторот

Една од најважните работи е детето првпат да се донесе во ординација кога има здрави заби

Првата посета на детето на стоматолог треба да биде однапред добро испланирана и подготвена за тоа да стекне пријатно искуство и да се добие добра основа за зачувување на денталното здравје. Најдобро е таа да се случи при навршување на првата година. Една од најважните работи е детето првпат да се донесе во ординација кога има здрави заби, додека нема стоматолошки проблем.
Околу првата посета на стоматолог треба да се напомене дека освен стоматологот, важна улога имаат и самите родители. Добро е родителите да ја посетат ординацијата во која мислат да го донесат своето дете, прво сами без него, да се запознаат со стоматолошкиот тим и да ги добијат потребните упатства и совети околу подготовката. Исто така, добро е да се дадат некои информации за детето, на пример, какви играчки сака, која му е омилена боја, дали оди во градинка и во која, дали сака да црта, дали има домашно милениче и ред други работи, за кога ќе дојде, да се опушти и да му биде пријатно.

При првата посета никако не смее да се споменуваат работи како дупчење, игла, кариес, пломба, болка или изјави како: „Нема ништо да те боли“, „Немој да се плашиш“, „Не е ништо страшно“. Во таков случај детето ќе се запраша зошто му го кажуваат тоа

Важно е првата посета да помине во пријатна атмосфера и да трае кратко. Треба да помине во разговор со детето, да се запознае со инструментите и опремата на интересен и соодветен начин, да се повози на столот, а може да се направат некои фотографии за детето да се пофали во градинка, пред другарчињата или дома. Може да се направи преглед со кој родителите ќе се запознаат со евентуален проблем, да се дадат инструкции како правилно да се четкаат забите, па ако детето покаже интерес, може да се направи и отстранување на денталниот плак со паста и четка.

При првата посета никако не смее да се споменуваат работи како дупчење, игла, кариес, пломба, болка или изјави како: „Нема ништо да те боли“, „Немој да се плашиш“, „Не е ништо страшно“. Во таков случај детето ќе се запраша зошто му го кажуваат тоа, ќе почне да се плаши и ќе се постигне контраефект.
Неколку дена пред првата посета кажете му на детето дека треба да го однесете кај некој ваш пријател кој сака да ги прегледа неговите заби, дека тој е мајстор за заби, дајте пример за некој негов идол, спортист или пејач дека оди кај вашиот пријател стоматолог и дека тоа е нормално и треба да се оди редовно.
Како родители, никако не треба да се изнесуваат негативните и лоши искуства од стоматолог пред децата затоа што тоа може негативно да се одрази врз ставот на детето што го гради спрема стоматолошкиот третман.
Треба да се запамети дека децата се огледало на родителите, па затоа треба да се внимава каков пример се дава во секојдневието. Навиката за редовна посета на стоматолог треба да биде една од побитните затоа што со тоа му обезбедувате добро орално здравје во текот на целиот живот на вашето дете.



912

X