Ниедно дете не е во состојба да ја сфати сериозноста на изреката „Внимателно одбирај ги желбите, може да ти се остварат“, а особено не оние најмалите. Бараат еднорози и коњи со крилја, ракети со кои ќе го заобиколат светот, бараат од родителите супермоќи и што уште не, па се чудат што тоа никогаш нема да го добијат.
Бараат и нови играчки, да заврне дожд за да шлапкаат во вирчињата, снег за да се санкаат, бараат од мајката да им роди брат или сестра, а потоа, кога желбите ќе им се остварат, а особено оваа последнава, се чудат. Тоа замотано мало нешто донесено од родилиштето само спие, јаде, ги полни пелените и им го привлекува вниманието на родителите и на сите што ќе влезат во куќата, а тие само очекуваа другар за игра.
Се радуваат, ама се исплашени. Среќни се, но и збунети.
Е тука вие стапувате на сцена!
Навреме запознајте го детето со промените што ќе настанат
Во текот на бременоста разговарајте со детето за тоа што значи да се има бебе во куќата, читајте му за тоа, дозволете му да учествува во одбирањето на работите и облеката за бебето. Понудете му да ја држи раката на вашиот стомак за да ги почувствува движењата на бебето, а и да му се обраќа. Навреме посочете му на детето дека ќе бидете отсутни поради породувањето, објаснете му што се ќе се промени кога ќе дојде бебето во куќата, но постојано нагласувајте му дека вашата љубов кон него нема да се смени или да исчезне.
Потрудете се бебето да му донесе подарок на братот или сестрата
Првиот контакт помеѓу вашите деца треба да биде посебен, мирен и тивок, без роднини и пријатели. На постарото дете, особено ако е мало, објаснете му дека не може многу долго да си игра со бебето, покажете му колку е тоа кревко и нежно и нагласете му дека не може да го зема без ваше одобрување без ваше присуство.
За да помине подобро запознавањето, потрудете се бебето да му донесе подарок на братот или сестрата.
Не терајте го детето да ги задушува и крие своите емоции
Ако на почеток вашето дете е тажно, исплашено, бесно и не е подготвено да го прифати бебето, дозволете му да ги изрази емоциите на прифатлив начин. Плачењето е во ред, но повредувањето на бебето не е, а вие може да ги очекувате и едното и другото, па би било добро многу да разговарате и да го слушате.
Мотивирајте го да ви помага зашто „ништо не можете без него“
За да се почувствува посебно, да се доживува себеси како големо и важно и да нема впечаток дека е исклучено од важните работи, мотивирајте го детето да ви помага околу бебето. Нека ви додава пелени и облека, нека ви помага при бањањето, дозволете му да ја турка количката заедно со вас и да го чува бебето додека вие сте во тоалет…
Потрудете се бебето што помалку да ви ја нарушува рутината. Доколку детето редовно одело во градинка, на тренинг или на родендени кај другарите, не менувајте го тоа кога ќе стигне бебето, без разлика колку ќе ви биде тешко да се организирате. Детето не смее да почувствува дека поради новиот челен на семејството, му е скратено нешто што го сака или што му е важно, зашто тогаш за тоа ќе го обвини помалиот брат или сестра.
Не оставајте му простор да прави глупости
Многу деца, поради љубомора, ќе настојуваат на секој можен начин да и го привлечат вниманието на мајката додека таа го дои, го бања или го заспива бебето. Ќе истури чаша сок на тепихот, ќе турне цел ролна тоалетна хартија во веце-шолјата, ќе го мачи кучето, ќе плаче и ќе прави драми без причина… За да не ви се случи тоа, гледајте да му дадете некоја работа во која ќе ужива и ќе биде окупиран за вие да му се посветите на бебето. Идеално би било тоа да не е гледање цртање или играње игри на компјутер и на мобилен, туку цртање, редење коцки, автомобилчиња или кукли.
Секој ден поминувајте време само со него
Во првите месеци во животот на бебето не е лесно да се најде време за одмор, ниту за домашните обврски, ниту за постарите деца. Се може да чека, но детето никако, па затоа потрудете се секој ден да одвоите малку време само за вас двајца. Може да се галите додека бебето спие, да побегнете до паркот додека тато го чува бебето, да го однесете до градинка или на роденден кај другар, да читате пред спиење… Не е важно што ќе правите, важно е тоа да биде ваше време зашто детето мора да почувствува дека е важно и дека бебето не му ги украло родителите.
Учете го да ги препознава пораките од бебето
Научете го детето што значи кога бебето гуга, како плаче кога е гладно, а како кога нешто го боли. Научете го да препознае кога бебето е нервозно, а кога му се спие. Со тек на време поголемото дете ќе почне да го доживува бебето како личност која има карактер, чувства и потреби, токму како и тоа самото, па така ќе се зближи со него.