Со доаѓањето на зимата родителите поставуваат сè повеќе прашања за одењето на планина со децата. Еве неколку препораки за здраво и безбедно зимување.
Дали децата треба да одат на планина?
Да, секако! Идеално би било секое дете да има таква можност. За тоа има неколку причини:
* Чистиот планински воздух е одличен „чистач“ на белите дробови, кои во градовите се изложени на многубројни штетни агенси кои со секое вдишување навлегуваат во организмот на детето.
* Планинското сонце во комбинација со чистиот воздух е проверен „засилувач“ на апетитот, што доведува и до јакнење на одбранбениот систем на детето.
* Микроорганизмите – предизвикувачи на инфекции (бактерии и вируси) не се љубители на планинското сонце и воздух, па ги има во неспоредливо помал број отколку во градовите. Се разбира, ова не важи и за „зачадените“ ресторани, хотелски лобија и дискотеки.
* Разредениот планински воздух содржи помалку кислород, па по одредено време доаѓа до зголемување на црвените крвни зрнца.
* На децата со одредени видови алергии им годи престојот на планина.
Колку долго треба да останеме?
Секој ден поминат на планина е голема придобивка за секое дете. Сепак, помалку од седум дена, гледано од медицински агол, не е вистински одмор. Идеално би било престојот да трае меѓу десет и петнаесет дена бидејќи тогаш навистина може да се поправи крвната слика, а и другите зимски благодати од зимувањето ќе имаат вистински ефект.
Кога детето може да се „качи“ на скии?
Во планинските земји со долга скијачка традиција децата почнуваат да скијаат уште на двегодишна возраст. Сепак, не се препорачува почеток на „вистинско“ скијање пред влегувањето во четвртата година од животот. И тогаш треба да бидете внимателни, неопходно е да набавите квалитетна опрема, пред сè, добри чевли и везови за скии, кои се предуслов за безбедно скијање. За малите скијачи се препорачува и заштитен шлем!
Ако тато и мама не се искусни скијачи, најдобро е детето да го запишат во училиште за скијање, каде што ќе научи како првите скијачки чекори да бидат правилни и сигурни. Се разбира, детето не треба да се „форсира“, па ако скијањето не му е интересно, секогаш тука се омилените санки.
Кои лекови треба да се понесат на зимувањето?
Родителите, како и при секое друго патување, треба да понесат неколку основни лекови. Први на списокот се лековите за намалување на висока телесна температура во вид на сируп или чепчиња. Треба да понесат и некои лекови против алергии. Во „мини-аптеката“ треба да се стават и детски капки за нос, а пожелно е да има и некој антибиотски сируп со широк спектар.
Пред поаѓањето, добро е да се консултирате со педијатар за начинот на евентуална употреба на овие лекови. Се разбира, антибиотикот не треба самоиницијативно да го „вклучувате“, но на лекарот кој ќе го прегледа детето на планината ќе му биде полесно ако веќе имате антибиотски сируп. Идеално е да имате антибиотик кој веќе сте го користеле кај детето, бидејќи така се намалува веројатноста од евентуални алергии на лекот. Ако детето има некаков хроничен проблем, треба да се понесат вообичаените лекови.
Кои деца можат да одат на планина?
Одговорот е едноставен – на секое дете му годи престојот на планина. Сепак, мора да се има предвид дека во планински услови зимата е појака, па неопходна е соодветна подготовка на децата. За децата во првите месеци од животот не се препорачува „зимување“ на планини повисоки од 1.500 метри, но ако родителите сепак одлучат да заминат на зимување со бебето, треба да одберат центар каде што постои добро организирана медицинска служба, но и можност за брзо и безбедно враќање на бебето дома, во случај на потреба.
Практични совети што треба да се почитуваат за да не мора да ги употребите понесените лекови:
* Седум до десет дена пред зимувањето внимавајте детето да не дојде во контакт со настинати или „вирозни“ лица. Мудро е детето да го оставите дома неколку дена пред заминувањето за да не понесе некој вирус на планина.
* Треба да знаете дека првите неколку дена од престојот во планина се еден вид шок за организмот. Затоа детето треба добро да се затопли, капата е задолжителен реквизит, а костимот треба да го заштитува од влага. Квалитетните ракавици и обувки се од големо значење бидејќи прстињата на рацете и на нозете се најподложни на измрзнатини.
* На детето не треба да му се ограничуваат активностите, но треба да се внимава на првите знаци на замор. Тогаш никако не смеете да го оставите надвор, туку треба да го однесете во собата, да го преслечете, да му понудите храна и пијалак. Дозволен е краток одмор на снегот, но тогаш најдобро е да наминете на топол чај во некое кафуле.
* Чувајте се од планинското сонце – може да биде опасно. Разредениот планински воздух пропушта повеќе ултравиолетови зраци, а ниската надворешна температура создава лажно чувство дека не може да „изгорите“ на сонцето. Доволни се само неколку часа на планинско сонце за да поцрвенат најизложените делови од лицето. Нежното детско лице, особено носето, е многу чувствително, па треба да се користат кремови за сонце со висок заштитен фактор. Не заборавајте ги и усните, кои се мачкаат со специјални масти со заштитен фактор. Децата треба да носат заштитни очила со затемнети стакла кои го намалуваат продорот на ултравиолетовите зраци во очите. Снегот ја рефлектира сончевата светлина, а тоа ги заморува очите, па затоа обезбедете им добри заштитни очила.
* Во сите поголеми скијачки центри постои ски-инфо, можност да дознаете колкава е надворешната температура, дали има ветер и каква прогноза се очекува за денот. Ако е исклучително студено и ветровито, воздржете се од подолги излегувања, анимирајте го детето во собата или во хотелот и почекајте поубаво време. Подобро е да се „изгуби“ еден ден отколку да лекувате измрзнатини.
* Внимавајте на детето, не дозволувајќи премногу да се оддалечи од вас. Ако користите ски-лифтови, секогаш бидете во негова близина, а ако скијате заедно, стриктно почитувајте ги сигнализациите на патеките. Користете поблаги патеки, а ако сте искусен скијач, подобро скијајте сами. Избегнувајте патеки што се далеку од хотелот или одморалиштето.
* Во случај на потешко паѓање и евентуална повреда на детето, обратете се до службата за спасување која е составена од едуцирани лица, способни да укажат прва помош и да го транспортираат повреденото дете до лекар.
* Избегнувајте места за „масовни собирања“ кои се зачадени и без соодветна вентилација. Тука демнат разни „микронапаѓачи“ кои можат да ви го расипат зимувањето.