Кога купуваме нова машина за перење или чистач на пареа, сите постапуваме многу одговорно: ги читаме упатствата, ги проучуваме сите копчиња и истражуваме која програма одговара на нашата омилена кошула. Па зошто кога станува збор за најважниот момент во животот – породувањето, жените мислат дека подготовката не е потребна и се потпираат на доброто, старото „како што другите родиле, така и јас ќе родам!“ Справувањето со моментот можеби звучи храбро, но дефинитивно не е најмудриот избор.
Породувањето е природен процес, но тоа не значи дека е лесно или дека не бара подготовка. Исто како што спортистите се подготвуваат за натпревар, бремените жени можат да се подготват за породувањето со тоа што ќе разберат како најдобро да постапуваат со своето тело и бебе. Подготовката нема да направи да се случи чудо и нема да ги отстрани сите предизвици од нашиот пат, но ќе нѐ направи поподготвени за нив.
Подготовката за породување носи многубројни придобивки. Докажано е дека образованието го намалува стравот од породување, го олеснува донесувањето одлуки во согласност со вашите желби и потреби и овозможува позитивно и поттикнувачко искуство, без оглед на исходот од раѓањето. Вие и вашиот партнер можете да се подготвите за породување со дула, од која исто така ќе добивате постојана поддршка.
Што вклучува подготовката за породување со дула?
Информации
Разбирањето на фазите на породувањето и она што се случува во телото помага да се намали стравот од непознатото. Можете да ја прашате вашата дула сè што ве интересира, а ако таа не го знае одговорот (на пример, нешто медицинско по природа), сигурно ќе може да ви каже кому да му го поставите прашањето. Кога знаете што да очекувате, се чувствувате побезбедно.
Техники и физичка поддршка за време на породувањето
Породувањето (било царски или вагинално) е физички напорно и интензивно. Дулата ќе ве масира, ќе ви покаже вежби за дишење, положби и разни трикови за ублажување на болката кои можат физички да го направат породувањето и постпородилниот период полесен.
Поддршка до крај
Улогата на емоционална и практична поддршка пред, за време и по породувањето е непроценлива. Така барем велат жените кои решиле да ангажираат дула… И конечно, породувањето е посебно искуство во животот, нешто што не го доживуваме секој ден и секако го заслужува нашето внимание и подготовка. Преземете одговорност – затоа што, реално, ако машината за перење вреди за да ги прочитате и научите упатствата, колку вреди да се подготвите за доаѓањето на вашето бебе?
Автор: Кристина Беширевиќ/Хрватско здружение на дули
912