Раѓањето на детето е проследено со приказни за радост, исполнетост, блискост меѓу родителите, но реалноста за многумина е полна со елементи што не се вклопуваат во оваа приказна, а вклучуваат – замор, раздразливост, сомнеж во себе и дистанца меѓу родителите. Таа идеална верзија понекогаш се прифаќа како „вистина“ за тоа како треба да изгледаат нештата. Луѓето почнуваат да се чувствуваат виновни и вознемирени затоа што не се вклопуваат. Таков јаз помеѓу општествено прифатените идеали и она што луѓето всушност го доживуваат може да ја поттикне идејата дека новиот родител е неспособен, што секако не е точно.

Најважните фактори што доведуваат до напнатост и проблеми во односите по раѓањето на детето се заморот и недостигот на сон. Исто така, на новите родители често им недостига време. Времето кое порано го поминувале во дружење и опуштање сега нагло им се намалува, што ја менува и динамиката на врската. Недостигот на пари, исто така, може да бидат извор на стрес. Зад тоа често стојат емоционални проблеми како што се губење на финансиската независност или чувство на одговорност да се обезбеди семејството. Доаѓањето на детето значи дека двајца луѓе, кои некогаш си биле најважни еден на друг, сега имаат трета важна личност за која треба да размислуваат. На некои родители им е тешко да се справат со фактот дека повеќе не се на прво место. Честопати, таткото се чувствува како да е изоставен, додека мајката се концентрира на бебето. И некои жени може да се чувствуваат невидливи затоа што сите се фокусираат на новороденчето. Мајката можеби чувствува дека единствена улога ѝ е да се грижи за бебето, а не да биде партнерка.

Важно е да се препознае дека улогите се менуваат и дека и двајцата партнери се чувствуваат така. Затоа треба да одвоите време за заеднички разговор во текот на денот, за да се слушнете и подобро да се разберете. Некои родители сметаат дека имаат различни ставови за родителството, што исто така може да предизвика конфликт. Еден родител кој се гледа себеси како „експерт“ ќе ја поткопа самодовербата на другиот. Корисно е да се зборува за родителството и да се развие заеднички пристап. Кога станува збор за негата на бебињата, прифатете дека има повеќе од еден начин. Родителите можат да ги прават работите поинаку и сепак да бидат успешни. Сексуалниот однос, пак, може драматично да се промени поради исцрпеност, емоционално преоптоварување и новите барања на животот со новороденче. Сигурно ќе биде потребно извесно време за да се врати сексуалната привлечност по породувањето. Позитивен пристап е трпението, смислата за хумор, разбирањето и подготвеноста да се најдат нови начини за изразување физичка наклонетост.

Отворената и искрена комуникација е од суштинско значење во секоја врска, особено за новите родители. Затоа, најдете време за разговор, слушање и обидете се да ја разберете перспективата на вашиот партнер, а исто така избегнувајте критики. Раѓањето на бебето, исто така, предизвикува некои односи со пријателите и семејството да станат подобри од порано. Многумина во семејството ќе ви ги дадат своите совети и мислења, понекогаш спротивни од вашиот поглед на работите. Доколку не се согласувате со советите, имајте на ум дека тие се дадени со добра волја, а вие ќе одлучите дали да ги прифатите или не.

За многу родители, поддршката што можат да ја дадат бабите и дедовците, роднините, па дури и соседите може да биде непроценлива. Социјалната поддршка е од големо значење за емоционалната благосостојба на родителите во овој период, затоа не двоумете се да побарате и прифатите помош.

Извор



912

X