Наставната програма за предучилишно образование и општо задолжителното основно и средно образование треба да е широка и стимулативна почетна точка за развој на надарените деца. Во значителна мера треба да се следат развојните карактеристики и потреби на децата што се надарени, така што ќе може да се спроведуваат одредени активности во секојдневни ситуации и во голема мера ќе може и треба:
-да се развиваат повисоки нивоа на когнитивни процеси (на пр., предвидување, класифицирање, анализа, синтетизирање, оценување), особено дивергентното мислење (поттикнување голем број идеи, оригинални идеи) со помош на збогатување со специјално дизајнирани игри и активности кои поттикнуваат активно учење и креативно размислување
-да се овозможи повремено хомогено групирање – дружење и учење со врсниците, односно не само со врсниците според хронолошка возраст, туку и со деца со слични интелектуални способности и интереси.
Воспитно-образовната работа во раното и предучилишното образование треба да е планирана и обликувана во целина, а не фрагментирана, што е важно имајќи предвид дека во раната и предучилишна возраст концептот на надареност е поврзан со потенцијалот што го забележуваме рано, при што целосно ќе се манифестира во достигнувањата во одредени области во понатамошен развој и образование.
Образовната поддршка за надарените на претшколска возраст се однесува на обезбедување многу широко збогатена средина во која се планираат контекстуални услови за стимулирачки активности и стекнување различни искуства за учење. Како дел од ова, на секое надарено дете му се обезбедува она што одговара на неговото вистинско ниво на развој и неговите специфични натпросечни потреби, можности и интереси. На надареното дете му се дава можност да ги демонстрира своите натпросечни способности преку однесување и дејствување во добро осмислени и планирани активности според принципите на диференцијација и збогатување, каде што акцентот е ставен на примена и стимулирање на најизразените способности. Контекстуалните услови, активности и искуства за учење кои го поддржуваат развојот на надареноста ги вклучуваат следните карактеристики:
– поволна емоционална атмосфера,
– соодветност и флексибилност на околината
– голем опсег на сложеност на материјали за игра и учење.
Различни активности насочени кон развивање на компетенциите на надареното дете поттикнуваат активно учење и развој на повисоки нивоа на когнитивни процеси, имагинација, креативност и мотивација. Целокупното опкружување и материјали за игра и учење треба да бидат богати, сложени и поставени на развојно потешко ниво од вообичаеното за одредена хронолошка возраст со цел да се поттикнат посложени форми на размислување.
Посебно внимание треба да се посветува на развојот на самодовербата и позитивната слика за себе, кои на рана возраст претставуваат столб на развојот на сите други компетенции. Кај надарените деца тоа значи поттикнување независност и саморегулација и постепено градење мотивација преку организирање квалитетен процес на учење. Важна задача на градинката е советодавната работа со родителите на надарени деца, одржување предавања и работилници и едукативна поддршка за истите.
Исто така, ако детето има потреба од акцелерација, тоа треба да го утврди психолог во соработка со воспитувачите, оценувајќи ја подготвеноста, и да изготви стручно мислење за предвремено запишување на надарено дете во училиште. Тоа се спроведува со согласност на родителите кога детето, кое според календарот не е потребно да посетува училиште, има професионално утврдено високо ниво на општи и специфични интелектуални способности, висок степен на усвојување специфични вештини (читање, пишување, аритметика) над очекуваното за возраста и покажува соодветно ниво на социо-емоционална зрелост, независност и социјализација.
Како за сите деца, така и за надарените деца претшколскиот период е од особено значење за понатамошниот целокупен развој.
Автор: м-р Марина Крстиќ, специјален едукатор рехабилитатор, магистер по образование на надарени и талентирани