Тимовите во здравствените домови што се подготвени ќе почнат денеска со теренска вакцинација во училиштата, а тие на кои им е потребна малку поголема подготовка ќе почнат од понеделник, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче на одбележувањето на Европска недела на имунизација.

Од одбележувањето на Европската недела на имунизација

– Нема што повеќе да ни се случи за да укажеме на тоа дека ова е навистина потребно. Починаа три деца што не беа вакцинирани, од кои едното не можеше да биде вакцинирано поради тоа што имаше друга болест. Тоа се тие работи што сакаме да ги постигнеме, а се должат на подигнување на колективниот имунитет. Што повисок процент на вакцинација, над 96 проценти, 97 проценти е потребно за да има таков колективен имунитет и вакви епидемии да не ни се случуваат – рече Филипче.

Појасни дека пред неколку месеци формирале мултисекторска група и се утврдило дека има позитивни законски прописи кои укажуваат на тоа дека имунизацијата е задолжителна.
– Контрадикторноста беше во делот кој пропишува дека и основното образование е задолжително, меѓутоа, во ситуација на епидемија се знае како се постапува и реагира и во таа насока беа сите наши мерки. Пред два дена се консултирав и со министерот за образование и наука Арбер Адеми и нашите ставови се координирани. Сега продолжуваме со теренската вакцинација, повторно ќе има средба на мултисекторската група за да видиме дали треба да направиме некои законски измени – истакна Филипче.

Фото: Министерство за здравство

Пред неколку дена Филипче истакна дека невакцинирани деца, освен во градинка, нема да се примаат ни во училиште. На новинарско прашање дали приемот на невакцинирани деца ќе биде во форма на забрана или препорака, рече дека тоа ќе биде само забрана бидејќи само така може да го постигнат ефектот што го сакаат.

Во моментов од мали сипаници има 1.060 заболени, а од почетокот на епидемијата во Скопје, која беше прогласена на почетокот на годината, досега се вакцинирани 73 отсто од невакцинираните деца.



912

X