Здравје

Почнува сезона на настинки – како да им ги олесните симптомите на децата

Време е на настинки и вирози, а децата, особено оние што се во колектив, градинки, училишта, често ги поминуваат и до 10 пати годишно. Во повеќето случаи се работи само за полесни болести, но тешко е да се гледа кога детето го мачат симптоми кои му ги попречуваат хранењето и спиењето. Но, постојат начини како со помош на некои домашни рецепти, кои не може да наштетат, да му се олеснат симптомите до заздравувањето. Ова се неколку совети како да се ублажи кашлицата.

Лажица мед

Неколку студии покажале дека една лажица мед, околу половина час пред спиење, може да помогне за смирување на кашлицата. Антибактериските својства на медот можат ефикасно да влијаат врз детскиот организам.

Многу течности

Хидрирањето на организмот е важно за малите дечиња подобро да се чувствуваат. Настинката или кашлицата може да го исцрпат малото тело, а недостигот на течности може само да ја влоши состојбата. Често нудете му мали количини храна, природен сок од јаболка или цеден сок, помешан со малку вода, а се препорачува и чај од хибискус, по можност незасладен.

Спреј за нос

Морската вода во спреј помага за ослободување на слузта и чистење на носот. Потоа користете детски чистачи за нос, или кај постарите деца, рог за испирање на носот со физиолошки раствор.

Навлажнувач на воздухот

Навлажнувач на воздухот во собата каде што спие детето може да помогне во сузбивање на симптомите на кашлица и настинка одржувајќи ја влажноста на дишните патишта.

Туширање за намалување на температурата

Ако детето има температура повисока од 38,5 степени, мерена под пазуви, се препорачува туширање со млака вода или ставање студени облоги од вода на подрачјето на градите и стомакот.

Спиење во поткрената положба

Ако детето е постаро од една година, кренете му ја перницата на повисоко ниво за слузта да не се слева во дишните патишта и во текот на ноќта да не му предизвика напади на кашлање.

Како да му се помогне на малечко дете да се искашла

Оваа метода ја препорачуваат лекари за деца до трета година, а се работи за техника на положбена или постурална дренажа со вибрација и перкусија (тапкање). Важно е да се постави детето во соодветна позиција и секое подрачје од телото да се третира 2 минути. Важно е детето да не јаде ништо половина час пред третманот и телото да му е покриено со облека. Избегнувајте тапкање по ребрата, ‘рбетот и стомакот. Почнете нежно да го тапкате детето во подрачјето помеѓу брадавиците и рамената, прво едната, па другата страна. Истото сторете го и со грбот. Потоа бебето легнете го на грб и прејдете на предниот дел под ребрата, од двете страни по 2 минути. Ако детето е поголемо, легнете го на кревет. Потоа нека легне странично, па тапкајте го во подрачјето под пазувите, па потоа под ребрата, од едната и од другата страна. И последно, легнете го детето на стомак, па тапкајте го по грбот, на секоја страна по две минути.

Кашлицата и настинката се дел од животното секојдневие и нема магична формула за симптомите моментално да се отстранат. Телото треба само да се избори, а вие можете да ги олесните симптомите. Одењето на педијатар се препорачува ако високата температура трае подолго од 3 дена, ако слушате дека детето при дишење „’рчи“, „свири“ или ако забрзано и отежнато диши. Исто така, ако се работи за кашлање кое доведува до „задушување“, повраќање или проблеми со дишењето, ако детето има проблеми со будењето и ако мокри поретко од вообичаено (ова може да укажува на дехидратација).

Автор: Сања Маташиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top