Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син на возраст од 2,5 години и пред два месеца има голема промена во неговото однесување. Направив промена на работното место и откако почнав со новата работа во смени, син ми почна да се оддалечува од мене, не сака да го гушкам, не сака да го соблекувам и да му сменам пелена, не сака јас да го успивам. Дури и ми кажува дека не ме сака и не сака да поминува време со мене. Ве молам за помош, не знам како да постапам.

ОДГОВОР: Верувам дека однесувањето на вашето дете ве прави тажна, исплашена и немоќна во постапувањето со него. Децата на оваа возраст можат да пројават отпор кон некоја личност со кој ќе сигнализираат дека постои нешто што им пречи и ги прави незадоволни, фрустрирани и лути.

Менувањето на работно место само по себе не влијае врз психолошката состојба на детето, но менувањето на работното место со кое се менува временскиот интервал на одење на работа, саатницата во отсуство од домот и стресот на работното место можат да придонесат детето да ја изгуби претходната структурираност што била постигната во текот на денот и тоа да му предизвика фрустрација, немање чувство на безбедност, сигурност.

Со однесувањето тој сака да ви покаже дека му е потребно време за да се адаптира на новата семејна динамика и дека во моментов не располага со вештини со кои полесно ќе ја надмине. Ве советувам најпрво да му дадете време, да не се вознемирувате на неговото одбивање, бидејќи што и да му се случи на едно дете, тоа никогаш нема да ја изгуби љубовта кон својата мајка. Затоа, опуштете се и не стравувајте дека љубовта се троши, практично таа е непресушна.

Колку повеќе сте смирени и ја прифатите новонастанатата ситуација, толку побрзо ќе го снема таквото однесување.
Суптилно и ненаметливо внесете некаков ритуал кој ќе му годи на вашето дете. Купувајте почесто сликовници и кога ќе соберете десетина, понудете му секоја вечер пред спиење да му читате по една. Пејте му приспивни песни, слушајте медитативна музика пред спиење и најважно – останете СМИРЕНИ.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X