Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Потребна ми е ваша помош и совет, мајка сум на 2-годишно момче и периодов се соочуваме со фаза кога одеднаш почна да мава, прво мене како мајка кога ќе се налути за нешто, на пример, ако сам падне, ако го скара татко му или ако не добие нешто, но истото го прави и со другарчињата со кои се дружи, ги мава по рацете и ги турка. Сѐ уште не оди во градинка. Многу ми е непријатно и веќе забележувам дека ме одбегнуваат мајките на децата со кои се дружиме. Јас не сакам да му вратам со тепање бидејќи сум пробала да го удрам по раката како што прави тој, но нема ефект. Тогаш мисли дека треба постојано да се удираме и го сфаќа тоа како игра. Многу ми е тешко и не знам како да се изборам, се трудам да му зборувам, да му објаснам, да се гледаме очи в очи, но не прифаќа. Му кажувам дека со рацете се галиме и се гушкаме, а не се тепаме зашто тоа боли и не е убаво… и на крајот од денот ако го прашам дали повторно ќе ги тепа другарчињата, одговорот е ДА.
Ако види дека другарчето прави нешто, а истото и тој го сака, но не кажува, го мава детето и мисли дека на тој начин ќе го добие тоа што го сака. Постојано сум напната и под стрес како ќе биде наредниот ден дружењето и дали ќе нѐ одбегнуваат. Не знаеме од каде го научи ова, не оди во градинка, дома никогаш не сме се расправале, а не пак нешто друго.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата збунетост и вознемиреност. Не е невообичаено малите деца да удираат или да покажуваат агресивно однесување кон другите. На возраст од 2,5 години децата сè уште ги развиваат своите социјални и емоционални вештини и сè уште немаат јазични или когнитивни способности да ги изразат своите чувства на соодветни начини. Кога децата се чувствуваат фрустрирани, лути или преоптоварени, удирањето или агресивното однесување може да биде начин да ги ослободат тие чувства и да се изразат.

Од една страна, ова е и природно однесување кое многу мали деца го покажуваат додека учат како да ги изразат своите емоции и да комуницираат со другите. Од друга страна, однесувањето на вашето дете често не е намерно, тој само се обидува да научи кои однесувања се дозволени, а кои не се. Бидејќи сè уште е многу мал, веројатно му е многу тешко да ги регулира своите постапки, иако може да разбере какви однесувања се пожелни.

Понекогаш може да удира за да бара внимание, особено ако чувствува и знае дека добива доволно внимание од вас или од другите кога го прави тоа.
Понекогаш го копира однесувањето што го видел од други, како што и сами рековте, од другите деца и како другите доаѓаат до работи на овој начин. Како што опишавте, тој само оди кон она што го сака, се фокусира на тоа и не знае и не умее поинаку.

Сепак, како родители треба да се осврнеме на однесувањето и да го научиме детето како да ги изрази своите чувства на соодветен начин. Бидејќи многу работи на кои ги учиме децата не одат преку ноќ и не се случуваат толку брзо, како што детето расте, така постепено го учиме и развиваме кај него одредени способности и начини на кои може да се изразува, да се приспособува и прифаќа работи во светот кој го опкружува.

Кога вашето дете удира или покажува агресивно однесување, важно е да останете смирени, да не викате и да не реагирате на начин кој може да ја ескалира ситуацијата или, пак, да покажувате жалење или тага.

Признајте ги чувствата на вашето дете, рефлектирајте ги и помогнете му да ги разбере и именува своите чувства, на пример, можете да кажете: „Ти се налути сега што не ти…“

Кога ќе тргне кон вас да ве удри или кога оди кон другите деца, ќе се симнете на негово ниво, ќе му ја тргнете раката и ќе му кажете: „Не удирање, не ги удираме нашите другарчиња, тоа ги повредува“. Читајте сликовници, играјте улоги дома. Користете зборови за да ги пренесе своите потреби и емоции, дишете длабоко или прегрнувајте кадифена играчка.

Кажете му : „Кога го удираш другарчето, тоа се чувствува тажно“, па поттикнете го да се извини.
Кога се однесува добро, пофалете го „благодарам што беше толку љубезен“; „колку убаво го направи ова…“ Пренасочите го неговото однесување или пак предвидете, на пример, можете да му понудите играчка или активност за да му го одвлечете вниманието или да го поттикнете да користи зборови за да ги изрази своите чувства.
Погрижете се да поставувате јасни граници и да бидете доследни.
Бидејќи децата често учат гледајќи и имитирајќи ги возрасните, покажете му како да користи нежни допири и да ги изразува емоциите на здрави начини.

Сите овие работи тој не ги знае и допрва треба да ги научи, а вие потрудете се да се смирите и да разберете дека ова е дел од неговиот развој, и дека ништо не е страшно. Сите родители што ги споменувате во пораката се соочуваат или се соочувале со некои од овие работи. Полека, од ден на ден, тој ќе учи со ваша помош.
Со време и напор, вашето дете може да научи да ги изразува своите емоции на здрав начин и да гради позитивни односи со другите.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X