Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 7 години, до пред 5 месеци сè беше во ред, тој беше супер, а сега не ја сака сопствената мајка. Ме навредува со најдолни навреди, ме брка, ме удира. Го чуваат свекорот и свекрвата. Постојано е со телефонот в раце, гледам дека повторува некои работи што таму ги слуша. Постојано му зборувам за тоа, а тој ми вели: „Не те сакам, да си одиш од куќата“. Има неоснован бес кон мене. Дома сите се обраќаме културно. Не знам кому да му се обратам. Му реков дека ќе го носам на психолог, а тој ми одговори: „Ќе му кажам дека ме тепаш!“ Еднаш дури избега од дома, во паркот бил со другар. Совет?

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Искрено, од ова што го напишавте, многу малку може да се открие што навистина се случува со вашето дете. Самите не бележите некои посебни настани што би можеле да се причината за ваквото однесување, затоа што контекстот во кој расте и пред 6 месеци и сега е ист. Вакви нагли промени ме зачудуваат, особено вакви хостилни и агресивни реакции кон вас. Очигледно е дека акумулирал голема лутина која ја изразува на олку екстремен начин. И токму вашата релација со него е таа што треба да видите како се променила. Потребно е да се запрашате како родител: Зошто ви се лути толку многу? И што сака да ви каже со лутината? Како е поткрепено и се одржува тоа негово агресивно однесување? И дали може нешто поинаку да се направи и да се промени?
Во ред е децата да им се лутат на возрасните, но не е во ред однесувањето со кое повредуваат или употребуваат прекумерна сила кон возрасниот. Поради тоа, нешто во вашиот однос кон него, коментари, забрани, ограничувања веројатно предизвикува некаква реакција на лутина која тој не знае како да ја контролира и таа се трансформира во неконтролиран бес.


Во целата ситуација не го гледам вашиот сопруг, поточно неговиот татко. Како тој реагира на неговото однесување кон вас? Дали воопшто реагира и како разговара со него во однос на тоа? Поточно, дали го занемарува (не го гледа) или охрабрува (го смета за чин на машкост) неговото агресивно однесување? Таткото е исклучително битен за момчињата во однос на изразување на агресијата и начинот на кој го прават тоа. Детето може да му се плаши, па ја пренесува агресијата кон вас затоа што не може кон него, или пак го користи како модел на однесување, го имитира, затоа што тоа агресивно однесување не е првото што детето го сведочи дома. Ова е многу битен аспект, на кој е потребно да најдете одговор, затоа што не гледам дека агресивното однесување значајно се превенира или санкционира. Доколку вашиот сопруг го игнорира неговото агресивно однесување и не може да постави соодветен авторитет во релацијата со него, тогаш постои борба на доминација, борба за ваша надвласт, токму поради тоа што не го добива авторитетот од татко му. Дали е таа ситуацијата?

Детето е само носител на симптомот на семејните процеси и релации, и сосема е непотребно да се товари единствено тоа за носење немир во така стандардната рамнотежа

Кога станува збор за мајката и како таа може да ја храни агресијата кај детето, важно е дали таа ја дозволува и/или ја релативизира, како „ништо не се случува, момче е ќе сфати“, поточно дали ја одобрува и самата се поставува како жртва, со цел да му ја потврди власта и моќта. Мајката може да го игнорира и потценува, на моменти и презира машкиот модел на однесување, прво на таткото, а потоа и на синот, и со тоа да ја разгори таа агресија и лутина, со цел самопотврдување и самодокажување на односот. Мајката може и самата да е моделот на агресивно однесување, најчесто кон другите, или кон таткото, со што момчето ја користи сопствената сила за да ја одбрани позиција на моќ, т.е. да го одржува таткото моќен и влијателен „позајмувајќи“ му го сопственото агресивно однесување.
Не потценувајте го ни влијанието на врсниците во изразувањето на агресијата, како поттикнувачи и модели на агресивно однесување. Сепак, на оваа возраст, јас би ја лоцирала одговорноста дома, во промена или постоење на одредена динамика на признавање/непризнавање на присуство и моќ која се одигрува во самото семејство преку вашите релациски истории или приказни на комуникација и однесување. Тие приказни не се од пред 6 месеци, и траат многу подолго.

Поради тоа, детето е само носител на симптомот на семејните процеси и релации, и сосема е непотребно да се товари единствено тоа за носење немир во така стандардната рамнотежа. Потребно е да се работи советодавно и психотераписки, првенствено со родителите, со и без вклучување на детето, за да се најдат изворите на оваа вознемиреност и да се пронајдат соодветни стратегии за справување со ваквите изливи на бес.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X