Јас имам две деца – Ивана и Игор. 11,5 и 7,5 години. Би сакала малку подетално да ги опишам бидејќи овој текст е вовед во сите други приказни на тема деца. Чисто да не биде: „А, што, таа како да има поим?“, „Таа е некој експерти или…“

Што се однесува до стручноста, ниту една струка не може да се научи додека не се проба во практика, па јас така се сметам за врвен експерт (мојата уста…). Бидејќи, под 1 – имам две парчиња стручност и под 2 имам диплома за воспитувач, со повеќе парчиња педагогија кои сум ги учела како ниту еден предмет во животот – од љубов. Морам да кажам дека вишата школа ја запишав по првото породување, така што учењето ми беше дополнително мотивирано со мали слатки кики.

(Не прашувајте ме зошто не сум вработена во градинка… така е тоа кога немаш пари, сопруг, љубовник, штедна книшка, тетка во Германија…)

Излезе дека, а и така сите околу мене велат – сум завршила добра работа и дека сум на добар пат да ги облечам во костум „добри луѓе“. Заради љубовта, заради сопственото ужасно искуство, заради мајчинското самодокажување и грижа за нивната иднина. Тоа е мојата тајна формула. За сега функционира.

Ивана

Ивана, Ица, Ицка…мојата прва љубов за која плачев од среќа гледајќи ја додека спие. Ја имав таа среќа да не работам првите 13 месеци од нејзиниот живот, да го запознаам она наследеното и да ги всадам главните навики што ги сметам за задолжителни. Ивана е „дете по книги“. Има тука и среќа, веројатно, но таа учеше, зборуваше, јадеше, боледуваше – воопшто се однесуваше како да читате некој врвен прирачник за одгледување деца. Бидејќи имав време и волја, работев со неа максимално и апсолутно цел труд беше како на дланка. На 8 месеци мокреше во нокшир, сама јадеше со лажица, никогаш не користеше цуцла, ниту шишенце, кога проговори – зборуваше чисто, во градинка немаше проблеми, послушна.. Што би рекле овдешните баби – нешто! Како да не е моја.

Игор

Игор, Иги, Гига… моето слатко, љубопитно, насмеано мајмунче – никогаш немал поголеми проблеми, освен што бевме во шок од количината на енергија што тоа дете ја има, а која не ја запознавме кај нашата мирна и тивка принцеза. Тој, како повеќето од машкиот свет, одеше по некои чудни кратенки низ животот, познати само на машкиот род. Во сè доцнеше зад сестра му, „што го оправдувам поради разликата“, но ништо драстично. Важно е дека „диктатурата на мама“ функционираше и денес пред себе и светот имам добро, паметно, послушно момче, кое за најмногу половина час ќе ви го освои срцето. Како што тој вели: „Што да правам кога сум неодолив?“

Јас сум сигурна дека мојата метода на воспитување на децата е успешна бидејќи сум поборник за „стара школа“, односно не ме воодушевува моделот А, разните западни системи на воспитување, ниту кој било облик на воспитување во кој детето има апсолутна слобода. Тоа не значи дека моите деца седат под команда на маса, ја слушаат мајка им и се движат само на мој знак. Но, основните правила, редот и балансираната дисциплина се задолжителни во мојот дом. И тоа не само кон моите деца, туку кон целокупното друштво на моите деца, кое е веќе запознаено со тие правила и кои многу радо доаѓаат на играње и спиење. Можете да ме наречете најлоша мајка на светот, терорист, Хитлер… ќе ви простам на сите, бидејќи резултатите ми се поважни од сите критики. Главно таквите после се јавуваат и се жалат за глупостите што самите ги направиле.

Мора да се знае кој е кој. Кој е родител, а кој дете.

Што прават мама и тато, а што децата. Што смее да направи родителот, а што детето. Зошто е тоа така. Единствено на тој начин детето ќе стекне чувство на почит кон себеси и кон другите луѓе. Сè друго води кон проблеми од различни видови.

Пред да ја родам Ивана, работев во книжарница и ја прочитав целата литература што тогаш беше на полиците, така што имав подлога која може многу да ѝ помогне на млада мајка која му посакува сè најдобро на своето дете. Не е лошо да се постапи по тие пишани совети, само треба да се има многу среќа при изборот на таа литература бидејќи денес ја има на тони. А секое бебе е свет за себе. Јас се потпирав на женскиот инстинкт, логика и закони на природата. Тоа ми беше правило. Ако некој совет не се вклопувал во овие три калапи, ништо, чао! И ете… тука сум каде што сум.

Извор



912

X