Исмејуван на училиште поради неговиот џуџест раст, 9-годишниот Куејден Бејлс плаче во автомобилот, велејќи пред камера: – Дај ми нож, сакам да се самоубијам.

Неговата мајка Јарака Бејлс, од Квинсленд го постави видеото на „Фејсбук“ за да ја подигне свеста за влијанието што булингот го има врз децата. Во видеото таа вели дека нејзиниот син претходно се обидел да се самоубие.

– Вакво влијание има булингот врз 9-годишно дете. Ве молам едуцирајте ги вашите деца, вашите семејства, вашите пријатели – вели неговата мајка.

Она што почна како молба брзо стана движење. Видеото беше прегледано 16 милиони пати, при што Бејлс доби масовна поддршка од целиот свет.

Меѓу поддржувачите е и австралискиот актер Хју Џекмен, кој објави видеопорака на својот твитер-профил.

– Без разлика на сè, јас сум ти пријател. Квејден, ти си посилен отколку што мислиш, другар. Ве молам, сите да бидеме љубезни едни кон други. Булингот не е во ред, точка.

 

Страницата „Гоу-фанд ме“ беше поставена од американскиот комичар Бред Вилијамс и успеа да собере 170.000 долари. Со парите Квејден и неговата мајка ќе можат да го посетат „Дизниленд“.

– Ова не е само за Квејден, ова е за секој што претрпел булинг во неговиот живот и му било кажано дека не е доволно добар – пишува Вилијамс на страницата. – Ајде да му покажеме на Квејден, а и на другите дека постои добро во светот и дека тие го заслужуваат.

Бејлс доби поддршка од Националната рагби-лига. Квејден ќе го води тимот пред саботниот претсезонски натпревар во Квинсленд.

– Сакаме да ти посакаме сè најдобро. Знаеме дека поминуваш низ тежок период, но ние сме со тебе. Тука сме за да те поддржиме, другар – напиша Латрел Мичел од лигата.

Извор



912

X