Има пациенти кои по неколку недели откако ќе ја прележат болеста, добиваат симптоми како покачена температура, дијареја, повраќање, слабост, болка во главата, исип на кожата, болки во ‘рбетот, мозочна магла. Сите овие симптоми ги обединува поимот „постковид-синдром“, кој за РТС го објаснува кардиологот д-р Марија Здравковиќ.

Д-р Здравковиќ вели дека лекарите во болницата каде што таа е директор имале можност да ги видат тие симптоми поради големиот број заболени од Ковид-19 што поминале низ болницата.

– Ние ги систематизиравме тие искуства, направивме база на податоци и ги следевме пациентите бидејќи забележавме дека се враќаат и кога тестовите им се негативни, и тоа со сериозни тегоби, бидејќи едноставно немаа каде да одат. Така станавме центар за следење на постковид-компликации – вели лекарката.

Како што објаснува, кога коронавирусот ќе помине низ нашето тело, тој ги нарушува и кардиоваскуларниот систем и регулацијата на притисокот, пулсот и дишењето и поминува низ сите наши мускули, вклучувајќи го и срцевиот мускул, но и сите наши нерви.

– Во едно истражување Американците докажаа дека вирусот поминува низ нашиот централен нервен систем, влијае врз нашата концентрација, нашата психичка состојба, меморијата, можноста за помнење и врз можноста за учење.

Еден од постковид-симптомите е мозочната магла, која се јавува и кај младите кои по прележан Ковид-19 имаат проблеми добро да се подготват за контролните задачи, бидејќи моќта на концентрацијата им е намалена во следните 4 недели, вели д-р Здравковиќ и додава:

– Тоа е состојба кога не можете брзо да реагирате, брзо да запомните, не можете брзо да донесете одлуки, треба да се има на ум за лицата што работат сериозни и тешки професии каде што е важна концентрацијата. Таа нагласува дека треба да се обрне внимание оти лицата со овој симптом треба да се чувствуваат доволно здрави за да може да ја завршат својата работа на правилен начин, а за тоа се потребни време, одмор и одредена терапија за сите органи да заздрават.

Според д-р Здравковиќ, голем број деца во првиот бран имале симптоми како дијареја со страшни грчеви во стомакот.

Извор



912

X