Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за 3,5-годишно дете кое пред 2 месеца си ги пресече тетивите на десното раче, па мораше да правиме операција, која му е трета по ред. Стресот и стравот беа огромни за него додека лежевме во болница, што е и многу јасно. Кај него се јави огромен револт, нервоза и лутина, со еден збор, страшно е тоа низ што поминуваме. Ако не е по негово, сеедно што е, и најмала ситница, дома преминува во лудница, има испади на нервоза и хистерично плачење, знае и сè што е пред него да исфрли, ако игра со некое детенце, може и да го удри, не размислувајќи со што удира. Се трудиме колку што можеме да не му викаме за да не се нервира, ама ни така не бидува. Живеам во град каде што, за жал, немаме психолог за консултација.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Од ова што ми го напишавте гледам дека се соочувате со навистина деликатна ситуација. Жал ми е што слушам за повредата, операцијата и за целото патешествие кое сте морале да го поминете со синчето. Самата повреда, како и интервенцијата, па и периодот на закрепнување, сигурна сум дека предизвикале силен стрес кај сите вас во семејството. Децата на таа возраст се особено чувствителни, па вашето синче, покрај својата болка, стравот и стресот со кои се соочил, верувам дополнително се вознемирува кога ќе ја почувствува вознемиреноста на некој од вас, родителите. Тоа се навистина многу стрес и вознемиреност за едно толку мало дете, кое согласно својата возраст сè уште нема соодветно изградени и целосно развиени капацитети за справување со нив. Токму затоа на таа возраст тантрумите и она што вие го опишувате како „хистерично однесување“ се толку честа појава. Кога ваквите однесувања ќе се појават, тие индицираат дека детето се соочува со интензивни силни чувства со кои не умее да се справи и кои му создаваат силна тензија и фрустрација, која неретко може да ескалира и во агресивно однесување. Гледано од овој аспект и земајќи ги предвид сите нешта што се случиле, потребата „сè да биде по негово“ може да укажува и на една потреба детето да држи контрола над нештата со цел да го минимизира ризикот да му се случи нешто непредвидливо.

Во случај како вашиот игровната терапија би била од огромна корист бидејќи на детето ќе му овозможи на најсоодветен начин да ги испроцесира сите нешта што се случиле, ќе го намали притисокот на интензивните чувства и ќе му помогне да го интегрира искуството.

Терапискиот процес низ игра му овозможува на детето да ја сетира играта, т.е. да ја направи да „биде по негово“ во рамките на точно утврдените тераписки правила и во безбедноста на терапискиот сетинг. Но, доколку поради локациски причини немате можност вашето дете да помине низ процес на игровна терапија, тогаш обидете се во рамките на можностите дома да му обезбедите услови за лековита игра. Одредете време во кое ќе си играте заедно и во рамките на кое тој ќе може да ја избере играта, ќе ги диктира нејзините правила и ќе може да ја направи да „биде целосно по негово“. Многу е важно да му дозволите на вашето дете да се изрази слободно низ играта и да не го цензурирате во текот на овој игровен процес. Ваквата игра не треба да биде ниту едукативна ниту социјално нормирана. Лековитата игра е игра во чии рамки детето може слободно да го донесе и низ игра да го изживее сето она што му е тешко, што му претставува тешкотија, што го плаши или му создава притисок.

Ивана Маринчек / Фото: Виктор Михајловиќ

Возможно е во рамките на ваквата игра вашето дете да почне да го одигрува искуството со повредата, операцијата и болницата повторно и повторно, да избере да го одигрува искуството од различни улоги (дете, родител, лекар), или да ги одигрува стравовите кои можеби ги носи и сл. Важно е во овој процес да му овозможите да донесе содржини (теми) и процеси (правила на игра) кои се само негови, без да се обидувате да влијаете врз нив или да додавате свои теми и правила во играта.
Нека ваквата игра ви биде лимитирана и заштитена во рамките на „специјално време за играње“, кое претходно ќе го договорите и кон кое ќе се придржувате. Започнете со половина час, еднаш или двапати неделно, и видете какви резултати ќе ви донесе. Игровниот процес е мошне жив и креативен процес кој е невозможно да го планирате однапред, па затоа ќе биде неопходно да го следите и приспособувате чекор по чекор.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X