Со промените е предвидено пет-шест наставници во секое училиште да работат како подучувачи со тоа што ним ќе им биде скратен бројот на часови. Се размислува и да се наградат со 10 отсто поголема плата

Наставниците со над дваесетгодишно искуство ќе бидат на часовите со нивните помлади колеги и ќе им укажуваат како се предава и како се учат ученици, соопшти за Деца.мк заменик-министерот Петар Атанасов. Според очекувањата, овој закон треба да се усвои во јуни, а ако тоа се случи, ќе почне да се применува од следната учебна година.
– Потрошени се 20 години, милиони евра за обуки за наставници од кои нема никаков резултат. Сега идејата е обуки да се прават на самото работно место. Грешката била системска, наставниците сме ги ваделе надвор од училиште за да одат на обуки, на кои им зборувале странци, домашни експерти, па повторно сме ги враќале во истиот систем, каде што не се спроведувало наученото од обуките. Со промените е предвидено пет-шест наставници во секое училиште да работат како подучувачи со тоа што ним ќе им биде скратен бројот на часови. Откако ќе седат на час со помладите колеги, потоа ќе го анализираат часот, ќе прават рекапитулар, како е предадена лекцијата, зошто, на пример, применувал само испрашување и слично – објаснува Атанасов.

Не се виновни само учебниците, никој не работи на квалитетот на наставата

Со пренесувањето на стручноста во училиштето, верува Атанасов, децата и родителите ќе бидат позадоволни. Тие додека се на училиште мора да учат нешто. Не може само да им се прераскаже лекцијата и потоа дома да учат. Тој вели дека позицијата на наставниците мора да се зајакне, тие мора да се ослободат од сите административни работи и да се насочат кон образовниот процес и квалитетот на наставата.

– Нам ни требаат квалитетни часови, а не притисоци и контроли како што било во минатото. Во училиштето мора да постои структура што ќе се занимава со квалитетот бидејќи не се само учебниците виновни, не се само младите наставници виновни за неквалитетното образование. Во самите училишта ќе има обезбедување и градење квалитет. Ако стручната служба помага за менаџмент, за проблеми, тогаш наставникот со искуство ќе му помага на својот помлад колега – вели Атанасов.

За 10 отсто поголема плата за обучувачите?

Сè уште нема одлука, но се размислува наставниците-ментори да се наградат со 10 отсто повисока плата.
– Тие наставници треба да бидат наградени, а тоа ќе биде стимулација за нив. Тој наставник ќе оди, на пример, и во некое подрачно училиште, па така неговите знаења пошироко ќе се пренесат и искористат – додава Атанасов.
Со законските измени е предвидено да има помал број часови, помалку ученици во една паралелка, а исто така предвидена е и поголема инклузивност на децата со попреченост. Ако се усвои во јуни, од септември ќе се применува.



912

X