Професорите на Институтот за педагогија денеска испратија отворено писмо до министерот за образование Арбер Адеми во кое реагираат дека како експерти во областа се целосно исклучени од законските решенија што се нудат од Министерството за образование и наука, во врска со основното образование.

„Не сме вклучени во која било работна група и не сме повикани за мислење, иако се работи за ваква сензитивна и исклучително сложена проблематика. Тенденцијата на невклучување образовни експерти во клучните стратешки и законски решенија во нашата земја не е нова, напротив, трае подолг период, што резултира со несоодветни образовни политики и лоши образовни продукти кои се рефлектираат во сите сфери од општествениот и јавниот живот. Не сакаме да веруваме дека станува збор за неинформираност од страна на МОН на клучните чинители во продуцирањето на воспитно-образовниот кадар во Републиката (дипломирани педагози, воспитувачи, одделенски наставници и андрагози) кои ги продуцира Институтот за педагогија, ниту пак за тенденциозни превиди од страна на меѓународниот сектор (во овој случај УНИЦЕФ), кој треба да служи единствено како поддршка во креирањето на воспитно-образовната политика на нашата земја“, стои во писмото до министерот Адеми.

Фото: Борче Поповски

Со оваа, како што велат протестна нота, сакаат да укажат на сериозните недостатоци во нацрт-законот за основно образование и да го повикаат Адеми на стручна расправа во која би ги образложиле нивните ставови.

Со отворено писмо пред неколку дена реагираа и професорите од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, кои се единствената акредитирана високообразовна институција во Македонија, а не биле повикани и консултирани во процесот на подготовка на новиот закон. По нивното објавено писмо, добиле ветување од Министерството дека ќе бидат повикани на средба, но состанок сè уште немало.



912

X