Еден од најголемите предизвици и проблеми за паровите во 21 век е неплодноста. Тоа влијае врз речиси 15-20 % од сите парови, а експертите веруваат дека двојките имаат проблеми со неплодност ако зачнувањето не се случи природно по 12 или повеќе месеци редовен незаштитен секс.

Причините за неплодност се многу различни и вклучуваат фактори како што се генетски мутации, начин на живот, навики во исхраната и нарушувања на репродуктивниот систем. Сите горенаведени фактори и начинот на живот може да доведат до нерамнотежа во телото, а една од последиците може да биде негативно влијание врз плодноста. Борбата со неплодноста може да трае со години и е доста исцрпувачка, често придружена со низа спонтани абортуси.

Мајката Марија Ѓукиќ ја споделила својата приказна за порталот „Јумама“, која е охрабрување за многу парови што ја водат оваа тешка битка. Марија се борела неколку години, но ниту таа ниту нејзиниот сопруг не се откажале.

„Пет години се боревме за потомство. Шест пати пробавме со ин витро оплодување и конечно успеавме да станеме родители“, ја започнала својата приказна Марија. По шестиот обид за вештачко оплодување ѝ биле ставени два ембриони, а Марија се сеќава на моментот кога било потврдено дека оплодувањето е успешно: „Кога отидов да извадам Бета ХЦГ, резултатот беше 665,9. Не можев да поверувам бидејќи сите претходни пати резултатот беше 0. Тогаш му реков на мојот сопруг: Ова не е мој резултат, сигурно е сменет во лабораторија. Едноставно, навикнати сме на неуспех, па оваа ситуација ни беше чудна. Плачев од среќа, не ми се веруваше“.

Но, на првиот ултразвук доживеале уште едно изненадување. Марија очекувала дека носи близнаци, но сепак носела тројка – идентични близнаци и уште едно бебе. Иако била пресреќна, лекарите биле загрижени бидејќи мислеле дека се работи за ризична бременост, па ѝ предложиле да ги „отстрани“ близнаците. Но, Марија и нејзиниот сопруг не сакале ни да слушнат, туку решиле да ризикуваат и да ги задржат сите три деца.

„Само реков: Ако сака Господ така, нека биде така“, рекла Марија. Иако бременоста поминала без поголеми компликации, Марија отишла во болница во 29-тата недела од бременоста бидејќи лекарите очекувале дека ќе ги роди трите бебиња многу пред терминот.
Во 34-тата недела од бременоста ги родила Доротеа (1.930 грама), Николета (1.860 грама) и Душан (1.860 грама). Бебињата веднаш биле сместени во инкубатори, а таа и нејзиниот сопруг не можеле цело време да бидат блиску до своите деца поради пандемијата. „Кога ги видов, беа толку мали и ситни, но во реалноста беа џинови“, се сеќава мајката Марија.

Нејзините бебиња денеска имаат 15 месеци, здрави се и среќни, а Марија и нејзиниот сопруг по долга борба имаат свое семејство.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X