За некои и самата помисла за фотографијата погоре е грозна и би сакале да не ја гледаат и да ја игнорираат, меѓутоа, плацентата е орган кој доколку не постоеше, никој од нас не би бил на овој свет. Поради нејзината важност и нејзиното значење, една австралиска акушерка го фотографирала бебето додека неговата папочна врвца сè уште била поврзана со плацентата.

Сите знаеме дека по пораѓањето плацентата мора темелно да се прегледа за да се утврди дека излегла целата и дека ниту еден нејзин дел не останал во абдоминалната празнина. Но, дали знаете дека тоа не е единствената причина поради нејзиното темелно прегледување?

Докторите ја прегледуваат плацентата и од неа можат да заклучат сè и сешто – здравјето на мајката и на бебето, времетраењето на бременоста, присуство на тромб, крвавење и други невообичаени нешта. Обично плацентата има дијаметар од 22 сантиметри, дебелина од 2 до 2,5 сантиметри и тежи околу 500 грама.

Фото: Facebook user Emma Jean Photography

Доколку ве интересира, можете претходно да се договорите за понапредни тестови кои ќе откријат евентуални болести и инфекции. Потоа треба да се испита и воденикот – неговата боја, сјај и мирис. Ако бебето имало некоја компликација, како застој во растењето или инфекција, плацентата може да биде испратена во лабораторија на одредени анализи за да се дознае причината за проблемите. Телото на жената  ја исфрла постелката последна, обично набрзо по породувањето и најдоцна по половина час откако ќе излезе бебето. За време на царскиот рез плацентата исто така се отстранува последна и пред затворање на абдоминалната празнина и шиење на матката внимателно се проверува за да се утврди дека е целосно отстранета.

Одредување на големината на бебето според плацентата

Докторите и пред да го мерат бебето можат точно да проценат колкаво е, и тоа според амнионската кеса во плацентата чија големина одговара на големината на бебето. Тоа е местото каде што се наоѓало бебето.

Мајчинската страна на плацентата

Прегледот на плацентата ја вклучува нејзината внатрешност и надворешните ѕидови, познати како мајчинска страна на плацентата бидејќи се наоѓа токму од страната на мајката. Плацентата во мајката е споена со ѕидот на матката. Овој дел посебно се прегледува за случајно да не пукнала некаде и да не остане дел во утробата. Прегледот исто така ја опфаќа состојбата на калцификацијата, која обично е показател на стареење.

Плацентата од страната на бебето

Страната на плацентата во која се наоѓало бебето е многу помека и понежна од надворешниот дел. Она на што докторите и акушерките при прегледот обрнуваат внимание е делот каде што плацентата е споена со папочната врвца. Нормалната плацента со папочната врвца е споена на средина, а не отстрана или во мембраната.

Исто така, добро се проверува и состојбата на папочната врвца и се бројат крвните садови во неа. Нормалната папочна врвца треба да имаат две артерии и вена, а обично е долга 55-60 сантиметри.

Интересно е како природата се погрижила за должината на папочната врвца. Всушност, таа е доволно долга што детето по породувањето може да се храни додека плацентата сè уште не е излезена надвор, што е добро бидејќи со првото хранење се излачува хормонот окситоцин кој поттикнува контракции и со нив плацентата многу полесно и поприродно се исфрла надвор. Затоа е добро детето да се храни сè до сечењето на папочната врвца. И не само поради тоа, туку и поради фактот што бебето низ папочната врвца добива уште малку кислород.



912

X