Даниела, која пред 13 години се преселила во Германија има три деца, добра организација, рутина, план и пие многу кафе за сè да постигне. Наскоро со уште пет лица ќе прави посебни предизвици за креативни и корисни игри за детски развој

Даниела Хок има 36 години и веќе 13 години живее во Германија. Дожд, ветер, студ или снег не се пречка нејзините 3 деца (4,5, 3 и 2 години) да играат надвор. Тие не само што редовно се во природа туку и имаат сензорни активности, прават интересни игри и креации кои позитивно влијаат врз детскиот развој. Фотографии од секојдневните креативни игри и активности Даниела споделува на нејзиниот профил на „Инстаграм“ oursensoryfamily, па е пример за многу родители. А наскоро заедно со уште пет лица, меѓу кои и дефектолог, заедно ќе креираат различни предизвици и активности за најмалите во домот и надвор од него.

– По дипломирањето на Правниот факултет во Скопје се соочив со тешкотија да најдам работа, па најприфатлив начин за да добијам виза, но и истовремено можност да го учам јазикот беше да почувствувам како функционира едно германско семејство. Една година се грижев за едно мало девојче, со кое го имав првиот вистински контакт со дете за кое бев одговорна, но и од кое многу научив за детскиот развој и ми беше од помош за понатамошните идеи за игри и забава за периодот кога станав мајка – раскажува Даниела.
Сензорната интеграција е невролошки процес каде што преку соодветно организирање на сетилните дразби што сме ги примиле преку сетилата соодветно реагираме на околината. Нарушување на некое од сетилата најчесто доведува до несоодветни реакции на детето кон поставената задача, но и при извршувањето најобични активности во секојдневието.

Игра, игра и многу игра

Отворањето на профилот на Даниела бил за комуникација со други мајки, но и стручни лица, од различни области од детскиот развој.
– Го користам како вид виртуелен дневник и бележење на секојдневните активности во домот и надвор од него. Со зголемувањето на мојата активност се зголемија и пораките што секојдневно почнав да ги добивам, за поттикот и мотивацијата што им ги давам на многу мајки да се активираат со најмалите со најразлични активности во домот, но и надвор од него, во природа. Најчестите прашања беа околу подготовката на различните активности, со акцент на сензорните, и секако совети за стекнувањe рутина за активности во природа со едно или повеќе мали дечиња – вели таа.

Промената ја почнале најпрво кај себе трудејќи се да ги променат животните навики и дневни рутини, а потоа да ги учат децата што е добро преку негување на љубовта кон природата, активностите во неа, љубовта кон животните…

Даниела ги планира активностите.
– Секое дете, зависно од возраста и фазата на развој, има афинитети и потреба од определен вид игри. Секое дете е посебна индивидуа и се трудам игрите да бидат приспособени на него. При организирањето на дневните активности се водам според неколку основни правила, активности во домот и активности надвор од домот и активности според желбите и активности според потребите на децата. Секогаш имаме игри со кои детето ја развива својата креативност и имагинација. Тоа самостојно одлучува за видот на играта и нејзиниот тек. Некогаш е добро едноставно да седам настрана и да набљудувам како ја развиваат својата фантазија – вели Даниела.

Таа се труди секој ден да имаат барем еден проект со кој преку игра ќе се стимулира определена област од развојот – говор, задржување на фокусот и внимание…

– Голем дел од времето, во домот, ни поминува со едукативни играчки (претпочитам дрвени), но и други проекти и експерименти. Изработките што ги постирам се мое и дело на ќерките, приспособени на нивната возраст и го пренесувам нивното искуство. Имаме опремено една сензорна соба со многу игри и материјали за изработка, но и голем број справи – вели Даниела.

Еден од најголемите предизвици на Даниела е балансот помеѓу сите обврски и задачи во текот на денот, сеедно во домот и надвор од него, приватно и професионално.
– Со самиот факт што разликата во возраста меѓу децата е 19, односно 13 месеци, а едната сè уште не посетува градинка, морам да кажам дека секој ден е еден мал предизвик. Не мислејќи само на домашните и професионалните обврски, туку извршувањето на сите претходно набројани активности. Од дома работам со прилично скратено работно време, околу 10 часа неделно, како дел од сметководствениот тим во една градежна фирма. Тоа дозволува флексибилност, па се трудам да го постигнам максимумот од работата и правилно распределување на тие 2 часа во денот, а и ноќта. Некогаш и јас се прашувам како успевам, но претпоставувам дека истото прашање си го поставува секоја мајка. Организација, рутина, план и многу кафе.

Заедно покреативни

Прифаќањето на идејата за овој предизвик беше осмислена и организирана од страна на 6 профили. Станува збор за мала група, мојот профил и неколку други, меѓу кои и еден специјален рехабилитатор, дефектолог plackaigracka_razvojni_igri, но и мајки на деца од различни возрасти што се залагаат за оваа иницијатива и секојдневно, неуморно, креираат различни проекти и активности во домот и надвор од него за најмалите hurricane_full_of_joy, motherhood_through_my_eyas, my_baby_miodiy_mom_diary.

– Отворени сме за соработка и со други профили што сакаат или имаат потреба да дадат придонес во нашата идеја. Секој наш профил е секогаш достапен за прашања, совет, критика или идеја. Идејата ја започнуваме спонтано и преку предизвиците сакаме да им покажеме на учесниците дека изработката на активностите во предизвикот не треба да е наградувана и „поткупена“ – раскажува Даниела.

Како ќе се одвива предизвик

Секој предизвик има своја главна тема на која треба да се задржуваат сите учесници. Понекогаш во предизвиците ќе биде нагласен и материјалот од кој треба да бидат изработени активностите. Секоја тема има поттеми, односно денови во кои учесниците треба да се насочат кон изработка на насловот што е од таа поттема.

– Главно со поттемите сакаме да направиме корелации на одредени работи што се карактеристични за некое време, период, година, ситуација, некоја случка и на тој начин детето, преку вклучување на сите сетила, да научи нешто повеќе за таа тема. Изработката на активностите нема да е по шаблон или претходно покажана и потребно е секој учесник да внесе дел од својата креативност и имагинација – вели Даниела.



912

X