Љубовта помеѓу мајката и детето е нераскинлива врска што тешко може да се опише. Кога децата ќе пораснат, тогаш на мајките им признаваат некои работи, а една ќерка ѝ посветила текст на својата мајка.

„За тебе, која девет месеци ме носеше под срцето. Која ме роди и сама ми даде име, да не го носам името на некој и да не ми го избираат другите, да бидам своја.

Те држев за сукњата до седмата година и плачев секогаш кога одеше на работа. До десеттата година спиев со твојата ноќница. Таа миризливата, розовата, со три копчиња на градите. До осумнаесеттата едвај неколку пати спиев надвор од дома.

Замисли, никогаш не ти кажав дека во полна куќа ми стануваше мрачно кога порано ќе си дојдев од училиште, а тебе те немаше. И дека најубаво утро ми беше секогаш кога ќе го слушнев твојот глас во сон.

Секогаш велев дека личам на тато, а всушност сè повеќе и повеќе личев на тебе. Малку загрижена, внимателна, неодлучна. Брзо пламнувам, но уште побрзо се гасам и кај луѓето ги заборавам лошите страни и секогаш повторно им давам шанси. Замисли, никогаш не ти кажав колку сум среќна кога ќе заличам на тебе. На тебе, која си столб и темел и покрив. На тебе, без која куќата би се срушила во истиот миг и без која би продолжила тишината. Поради тебе куќата мирисаше на тесто, овошје, на колач од вишни и шеќер во прав.

Поради тебе мириса постелнината како на ниедно друго место – на сонцето, на твоите раце и на мир. Имаш исцедено илјада облоги и имаш толку чаеви приготвено и којзнае колку пати си спиела седејќи пред моите нозе. Илјада пати си станала од немирниот сон за да видиш дали уште е запалено светлото и си треперела наутро дали сите чевли се на број. Безброј недели си поминала готвејќи, пакувајќи, испраќајќи. На сите нас ни даде и ни го зачува домот.

Би сакала повеќе да се смееш и помалку да се грижиш и низ мир да ти се врати сето добро што си го направила на другите.

Замисли, мамо, никогаш не сум ти кажала, но ти си зеница во моето око и најубавиот мирис од моето детство. Мојата куќа цел живот ќе биде таму каде што си ти“.

Автор: Ангела Бисак



912

X