Родители на ученици што учат во ООУ „Димитар Миладинов“ во Општина Центар реагираат на одлуката за укинување на целодневна настава за петтите одделенија во ова училиште. Го пренесуваме нивното писмо

Ние, родителите на учениците во ООУ „Димитар Миладинов“ во Општина Центар сакаме да ве информираме, а со тоа и да го изразиме нашиот револт што го предизвика Општина Центар со укинувањето на целодневната настава во петтите одделенија под изговор дека немало средства за плата на една наставничка.

Без никаква дебата и соочување на аргументите за и против, Општината одлучи да ја укине целодневната настава за петтите одделенија.
Имено, станува збор за следното, на почетокот на оваа година почнаа да се шират шпекулации дека оваа учебна година (2019-2020) ќе се укинува целодневната настава во петтите одделенија во Општина Центар. На сите наши инсистирања за одговор по ова прашање бевме разубедувани дека такво нешто не е можно и да си молчиме за да не им текнело во Општина Центар да направат такво нешто. Досега секоја година се обидуваат да ја укинат, а ние, родителите, секоја година сме наоѓале врски кои можеле да влијаат врз Општината за да ја продолжиме целодневната настава во интерес на образованието и воспитанието на нашите деца.
Но, оваа година не ни успеа, немаме „фаци“ во училиштето кои ќе најдат начин да побараат од Општината да си најде пари за плата на една наставничка од каде знае и умее. На пример, може да скрати од непродуктивните трошоци.

Па пред самиот почеток на учебната година учениците од ОOУ „Димитар Миладинов“ се информирани дека целодневната настава во петто одделение се укинува од причина што училиштето нема доволно наставен кадар кој би ја изведувал наставата, бидејќи дел од наставниците се префрлени во новото училиште во Капиштец.
Ставот на родителите на Совет на родители е дека сите деца во петто одделение треба да останат во целодневна настава (за ова имавме 3 анкети досега и неколку состаноци со училиштето и Општината). И покрај тоа, информирани сме дека целодневната настава во петто одделение се укинува.

Родителите го оценуваат за неприфатливо ваквото непочитување на условите под кои се запишале децата во прво одделение и непочитување на потребите на децата за образование и воспитание, што ќе влијае и врз квалитетот на образовниот процес во целост.

Во услови на низок наталитет во Општината и сè помалку првачиња во училиштата во Општина Центар, слаби оцени за квалитетот на образованието во Македонија од страна на меѓународните организации и сè послабите резултати на учениците на ПИСА-тестовите, секое загрозување на квалитетот на образованието е неприфатливо и неосновано. Плус на тоа би додале и за лошите оцени за нашето образование, особено фактот дека нашите деца имаат значително помалку часови од други (понормални) земји (Извештај на UNICEF “By the age of 14, students in primary education receive nearly 900 hours less instruction than the OECD average. Short learning time in schools limits the breadth and depth of study and the scope to pursue additional support classes”). На таков извештај „некој” решава дополнително да намали од времето кое е исполнето со наставни содржини („згрижување“ не е настава), наместо да зголеми во сите други училишта по нашиот пример (не само во Општина Центар). Уште повеќе што како причина е наведена неможноста на Општината да финансира 1 наставник (6.000- 7.000 евра на годишно ниво).
Родителите на учениците во ООУ „Димитар Миладинов“ изразија и подготвеност за организирање донаторски активности за обезбедување на потребните средства за ангажирање наставник.

Апелираме Општина Центар да се грижи за потребите на своите граѓани, а пред сè за најмладите, еднакво во сите училишта.
Го поздравуваме отворањето на новото училиште во Општина Центар, но тоа не треба да биде на сметка на одлевање на искусен и квалитетен кадар од постојните училишта, туку со вработување и развој на нови кадри.
ООУ „Димитар Миладинов“ има долга и успешна традиција во спроведување на целодневната настава во континуитет од повеќе од 40 години и важи за едно од најдобрите основни училишта во Македонија и тоа треба така да остане.

Се надеваме на разбирање, соработка и успешен старт на новата учебна година.

Родители при ООУ „Димитар Миладинов“, Општина Центар



912

X