„Пред да почне плачењето и менувањето пелени, сакам да го напишам ова писмо за да нè потсети на блаженството кое во моментов го чувствуваме“, му пишува идната мајка на својот сопруг.
Една трудница му напишала трогателно писмо на својот сопруг пред да станат родители и пред животот да им се промени на „најголемиот можен начин“.
Драг мој мажу,
Знам дека секогаш мразеше кога луѓето (без разлика на тоа колку беа добронамерни) ти зборуваа дека бебето ќе го промени твојот живот (да, и?), но иронично, тоа е првата работа што сакам да ти ја кажам на почетокот на ова писмо. Нашите животи ќе се променат на најголем можен начин! Велиш дека го знаеш тоа, но не сум сигурна дека ни јас ни ти целосно сфаќаме со колкава промена набрзо ќе се соочиме или дека навистина ќе станеме – родители! Можеби нема во целост да знаеме сѐ, додека нашето бебе не почне да вреска од петни жили, а ние ќе се погледнеме и ќе имаме момент на меѓусебно разбирање: „Аха, на ова мислеа“. И затоа, пред да почне плачењето и менувањето пелени, сакам да го напишам ова писмо, за да нè потсетува на блаженството кое во моментов го чувствуваме.
Кога те гледам секој ден, се сеќавам на човекот кој го запознав на почетокот на факултетот. Уште се чувствувам исто и по толку години. Најмногу така се чувствувам кога те гледам оддалеку и кога си сосема во свој елемент. Кога те гледам како ги исполнуваш соништата за кои не ни знаеше дека ги имаш во текот на студирањето – соништа кои заедно ги изградивме на нашиот пат, а кои создадоа толку смислена и длабока љубов каква што не ни знаев дека постои. Морам да кажам дека ми се посреќи што си згоден, страстен околу сѐ што правиш и неверојатно забавен, но градејќи го овој живот со тебе, во потполност според нашите услови – сфатив дека тоа е она што на некој начин и понатаму ја полни таа привлечност.
Те гледам и согледувам толку многу и се надевам дека и нашето бебе ќе го има тоа. Се надевам дека нашето дете ќе има внатрешна мотивација како тебе. Се надевам дека ќе ја има твојата страст и едноставно ќе ги следи своите соништа. Се надевам дека ќе биде внимателно и интуитивно како што си ти. Се надевам дека ќе ја сака природата како тебе. Се надевам дека ќе го има твојот нос (наместо мојот) и твоите длабоки кафени очи. Се надевам дека ќе ги има твоите атлетски гени, да го избегне срамот изгледајќи како мене додека трчам. Но, најмногу од сѐ, се надевам дека нашето дете ќе биде еднакво љубезно во сето она што ќе го прави, со кој и да е, онака како што си ти секојдневно.
А, она што го знам со сигурност е дека нашето дете ќе биде толку среќно да те има тебе за татко, како што сум и јас среќна што те имам тебе за партнер. Сум видела бракови кои се распаднале под притисокот на родителството. Сум гледала парови кои некогаш биле заљубени до уши, а сега се губат во сопствениот хаос. Не можам да ти ветам дека нема да има денови кога и ние ќе се изгубиме себеси во сѐ. Всушност, знам дека ќе има такви денови. Но, она што можам да ти го гарантирам е дека секогаш ќе се обидувам да се сеќавам на нас во нашето најдобро издание. Ќе ги искористам сите наши прекрасни спомени од заедничките 11 години и тие ќе ќе ме одржуваат во текот на оние денови кога ни малку нема да ми се допаѓаш.
Знам дека секогаш ќе најдеме начин да се вратиме еден на друг, ако ги држиме нашите спомени во близина на срцето (а, можеби и чаша вино или две во рацете).
Да, нашиот живот ќе се промени. Нашиот свет ќе се промени. Но, ти го промени мојот живот од денот кога те запознав и благодарна сум што можеме заедно да го продолжиме ова возење.
Те сакам, денес и секогаш,
Твојата сопруга“.