Откако поминала една вечер во ресторан покрај родители чии деца цело време биле со мобилниот и таблетот в раце, Еми Фриман, мајка на три деца, во својата колумна за порталот CafeMom напишала отворено писмо до родителите, наведувајќи пет причини поради кои оставањето на мобилните уреди дома во такви ситуации е добра идеја.

На родителите што минатата недела седеа покрај мене во ресторанот:
– Ми доаѓаше да ви пријдам и да ви кажам нешто, но не знаев како да го кажам тоа што сакав без да морализирам, а не сакав да ве опоменувам пред вашите прекрасни деца. Тие имаа околу пет и седум години. Главно, не можев да не ве забележам од моментот кога седнавте на масата лево од мене. Или да прецизирам, од моментот кога на децата им ги дадовте таблетите.
Вие двајцата си разговаравте цело време, прекинувајќи ги своите деца само кога требаше да ги потсетите да ја користат салфетката.
Децата беа на таблетите цело време, ги нарачаа своите порции без да го погледнат келнерот. Кога стигна храната, едноставно посегнаа по пилешкото месо и компирчињата преку таблетот, продолжувајќи и натаму со „скролањето“.
Еј, и јас сум била во „вашите чевли“… Моите деца имаат 24, 20 и 10 години, што значи дека воспитав две деца пред, а третото го воспитувам среде дигиталната доба.
Мора да вложите повеќе труд за да имате вечера без електронски уреди. Ќе мора повеќе да се потрудите за истовремено да водите сметка за однесувањето на децата и ангажирањето околу нив. И заедничкиот оброк нема да ви овозможи како двојка да поминете мирни моменти со чаша вино во раката за да го надоместите времето што не сте го поминале заедно. Меѓутоа, ќе мора да се справите со тоа. Ќе ви набројам пет конкретни причини поради кои, во такви моменти, оставањето на електронските уреди дома е добра идеја:

1. Вашите деца го сакаат вашето внимание

Замислете го вашето дете на игралиште. Колку пати викнало: „Мамо, погледни што правам!“ или „Тато, дали ме гледаш?“ Вие сте нивната месечина и нивните ѕвезди. Се разбира, тие ќе прифатат вниманието да им го одвлечете со мобилен или таблет. Но вие им значите многу повеќе отколку победата во тие видеоигри.

2. Ќе го изгубите нивното внимание

За само неколку кратки години тие ќе го пренасочат вниманието кон своите врсници. Постојано ќе ги менуваат расположенијата, ќе бидат груби и тогаш ќе се запрашате дали воопшто некогаш сте поминале убава вечер во некој ресторан.

3. Потфрлате во тоа да ги научите на уметноста на разговарање

Разговорите со децата не се нужно неодоливи и понекогаш се чини дека тоа е истиот круг на едни исти прашања и одговори. Но поентата е да се негуваат заемни постапки, да се научат да слушаат и да споделуваат. Ако колективно истраете во тоа, со текот на времето ќе се појават и такви, неодоливи разговори.

4. Поставувате ужасни примери

Ако сега го поттикнувате детето да ве исклучува, не очекувајте дека тоа ќе се промени во тинејџерските години, па дури и во возрасна доба. А што е најлошо, го воспитувате детето со лош пример.

5. Досадни сте им на другите

Дозволете, но и јас сум излегла да се забавувам. Не сакам да ги слушам електронските звуци од таблетите на вашите деца како заднинска музика.

Главно, не успеав да ви го кажам ова без морализирање. Но, ве молам, дајте ѝ шанса на една вечера без технологии. Можеби ќе ви треба извесно време да се навикнете, но сигурна сум дека и вие и децата ќе бидете посреќни ако ги отстраните уредите од масата.
Родителските денови се долги, но на крај – годините се кратки.

 

 



912

X