Драга мамо, денес беше уште еден неверојатен ден. Бев и исцрпена, и зафатена, и осамена, а понекогаш и сето тоа одеднаш. Но, знаеш дека сето тоа е така кога одгледуваш дете и новороденче – и погледни нè, сите преживеавме!

Во текот на денешниот ден имаше околу 10 моменти кога посакав да ти се јавам. Тоа е мојот прв инстинкт: ако е тоа добра вест, сакам да ти се јавам. Ако е лоша вест, сакам да ти се јавам. Ако нема никакви вести, пак сакам да ти се јавам. Зашто, без разлика што имам да ти кажам, тие неколку минути на телефон со тебе се непроценливи.

Вистина е, ти ме разбираш на единствен начин на кој мојот маж, децата или најдобрите пријателки никогаш нема да ме разберат. Очигледно постојат научни причини за тоа: според неодамнешна студија, мозоците на мајките и ќерките се необично слични кога се работи за емоционална обработка на информациите. Тоа значи дека ти секогаш можеш да си замислиш како се чувствувам во различни ситуации. Не ми беше потребна студија да ми го каже тоа. И кога паѓав, си ги повредував колената, и кога ми го кршеа срцето, секогаш беше тука за мене – дури и кога сме биле оддалечени стотина километри.

Меѓутоа, на многу начини ми се чини дека сега си ми потребна повеќе од кога било. Тоа е затоа што ти си единствена што разбира не само што значи да се биде мајка туку што значи да се биде мајка каква што јас се стремам да бидам.

Често велиш дека не се сеќаваш најдобро на првите денови од мајчинството. Како некој што има сериозен недостиг на сон, тоа можам целосно да го разберам. Иако не се сеќаваш на сите тие специфичности, знаеш како се чувствувам. Додека мојот сопруг сочувствува со моите неволји околу доењето или комплицираните емоции што ги следат сите мајчински обврски, ти имаш вистинска емпатија.

Ти вистински ме разбираш и знаеш низ што поминувам. Сега кога имам свои деца, чувствувам дека и јас подобро те разбирам. Сега јас сум таа личност. За некои реченицата: „Се претворам во мојата мајка“ е шокантна и малку застрашувачка. За мене, тоа е јасен знак дека сум на вистинскиот пат. Отсекогаш (дури и во текот на тие тинејџерски години) знаев дека имам среќа што те имам за мајка – зашто тоа не е сè што си ми мене. Ти си мојот прв и најдобар пријател.

Те сакам,
твојата ќерка.



912

X