Ексклузивно во книжарниците на „Просветно дело“ во цела земја ќе може да ги најдете пишуванката и тетратката за почетно пишување од „Светот на Биби“

Новите производи на „Светот на Биби“, тетратката за почетно пишување и пишуванката, предизвикаа голем интерес кај децата и нивните родители. Во рамките на активностите што ги имавме за време на 31. Саем на книгата беше и промоцијата на овие изданија. Во книжарниците на „Просветно дело“ во цела земја веќе можете да ги најдете овие нови изданија со заштитниот знак на Биби.
За изданијата, но и за тешкотиите со кои денеска се соочуваат во процесот на учење на пишувањето, и колку е важно читањето, разговаравме со Матилда Бајкова, наставничка по македонски јазик и актуелна директорка на ОУ „Аврам Писевски“ од с. Бардовци, Скопско, и Драгана Горковска-Гавриловска, одделенска наставничка. Во разговорот што го водеше Ана Јовковска учествуваше и Билјана Црвенковска, авторка на сказните од „Светот на Биби“.

Од промоцијата на пишуванката и тетратката за почетно пишување (фото: Борче Поповски)

– Многу ме радува што пишуванката e толку добро осмислена. Им дава насока на децата да ги согледаат растојанијата, просторно да можат добро да го усовршат пишувањето, бидејќи тоа е eдна од оснoвните работи на кои треба да се внимава, односно да го планираме и просторот во кој пишуваме. Бидејќи се соочуваме со такви проблеми, децата лутаат во просторот, буквите се игровити, немаат континуитет, но кога ќе ги користиме тетратките за почетно пишување и пишуванката и во домот, тогаш ќе се надминат тие тешкотии – вели Горковска-Гавриловска.

Филологот Бајкова признава дека ги сака убавите зборови како пишуванка. Таа додава дека е голема обожавателка на „Светот на Биби“, иако нема мали деца.

– Се радувам што гледам многу дечиња кои уживаат во книгите, што гледам млади родители кои наместо да им го дадат таблетот, избираат да го посетат саемот. Кога ја погледнав тетратката за почетно пишување, ме врати во моето детство и колку се гордеевме со петките што ги имавме на тетратките по краснопис, особено кога ќе исполневме тетратка и едвај сакавме да ја почнеме другата. Меѓутоа, оваа тетратка за мене е посебна затоа што го има заштитниот знак на Биби, со кој децата сакаат да се поистоветуваат, зашто децата визуелно се идентификуваат. Ми се допаѓа што ова издание повторно ме навраќа на мирисот на тетратките. Родителите денес се толку технички образовани, ќе најдат некоја апликација да инсталираат, па ќе ги натераат децата да пишуваат со електронско пенкалце. Се лажете, сѐ додека детето не го фати моливчето в рака, дури и врвот да го скрши, да има острилки, гумички, па и да се скине тетратката и да чкрта и по ѕидови. Тоа се најубавите спомени! Насловната корица на Биби нè потсетува дека моливот е основното средство за пишување – вели Бајкова.

Таа им упати порака на децата:
– Само со книгата можете да летнете најдалеку, со книгата можете да го прошетате цел свет и да го погледнете најдалечното место на планетата, да го научите и она што не сте го знаеле, да посакате и да си ја исполните желбата во ист момент. Читајте повеќе, „Светот на Биби“ нека биде ваш свет, а создајте си и ваш свет.



912

X